| четврток, 6 декември 2018 |

Албанците бараат да не се гради каналот Дунав-Морава-Вардар

Русија сака да го изгради каналот без американско или западно учество за да ја засили својата доминација на Балканот и да ги исели Албанците од неговата близина

morava-vardar

Демократскиот фронт за национално обединување од Тирана ѝ пишал писмо на Хилари Клинтон во кое вели дека Русија сака да го изгради каналот без американско или западно учество за да ја засили својата доминација на Балканот и да ги исели Албанците од неговата близина, пренесува Нова Македонија

Во писмото пишува дека со каналот Дунав – Морава – Вардар ќе се создаде воден пат од Ротердам до Солун, кој Русија ќе го монополизира, што ќе го намали значењето на англискиот Гибралтар и на турските Дарданели и Босфор, па ќе ослабнат и меѓународните позиции на овие две земји

Прешевската долина е најважното парче земја на Балканот и е во центарот на вниманието на американско-руското ривалство ако се суди според писмото што една албанска организација ѝ го испратила на поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон. Демократскиот фронт за национално обединување (ДФНО), со седиште во Тирана, Албанија, бара од Клинтон САД да ѝ ја одземат долината на Србија и да ја прогласат за своја прекуокеанска територија за да ја спречат Русија да го изгради каналот Дунав – Морава – Вардар и со тоа да воспостават целосна доминација на Балканскиот Полуостров. Според ДФНО, кој во своето лого ја има картата на фамозната голема Албанија, Прешево и околината треба да добијат екстериторијален статус сличен на тој што го има Панамскиот Канал, кој поминува низ Панама, но не се смета за дел од нејзината територија, туку е под американска контрола. Целиот проект за каналот, додава организацијата, е антиалбански и служи за етничко чистење на Албанците, за Русите да имаат непречена контрола врз територијата.

Во своето писмо до Клинтон, ДФНО потсетува на настанот што се случил пред точно 100 години, кога дописникот на „Њујорк тајмс“ од овие простори јавил дека американски и руски капиталисти се договориле да се изгради каналот, а договорот го потпишале во Санкт Петербург. Дописникот напишал дека каналот ќе треба да се ископа во Србија и во Горна Македонија. Оттогаш, според организацијата, се засилил интересот на големите сили за Балканот, а Русите ковале заговор да ги исфрлат Американците, самите да го изградат каналот и целосно да го контролираат.

КАНАЛ ЗА РУСКА КОНТРОЛА ВРЗ ЕВРОПА

Но приказната почнува многу порано од 1913-та, уште во 1841 година, кога француско-српската компанија што кралот Милош Обреновиќ ја најмил за да го регулира водниот сообраќај низ Дунав почнала да се интересира за пловните капацитети на Морава. Таа и уште една француска компанија, формирана лично од Наполеон Трети, во 1850 година направиле проект за канал меѓу Морава и Вардар, со кој би се поврзале Дунав и Егејско Море.

Арно ама тогаш Русите стапиле на сцена и ја притиснале Србија со Обреновиќ да ги раскине договорите со Французите и да ѝ го додели правото на изградба на каналот на руска компанија. Србите не можеле да си дозволат да ја одбијат Русија, па тоа и се случило во 1860 година. Проектот е заборавен сѐ до почетокот на 20 век, кога за него се заинтересирале Англичаните и Германците. Затоа династијата на Обреновиќи, која сѐ уште била на власт, почнала да го „подготвува“ теренот за Русите да градат, односно, како што пишува во документот, етнички да го чистат.

– Албанските населби од Ниш до Врање беа збришани, а се населуваа Срби – вели ДФНО во писмото до Клинтон.

Како последни „Албански шајки“ останале Прешевската и Кумановската долина. Но Русите, додава организацијата, сѐ уште го спроведувале својот план, па отвориле воена база близу Ниш, а и со издејствуваната територијална поделба се обидувале да го намалат влијанието на Албанците во прешевската зона. Целта, како што се опишува, е многу поширока отколку едноставна контрола врз Балканот. Со тоа ќе се создадел воден пат од Ротердам до Солун, кој Русија ќе го монополизира, а ќе се намали значењето на англискиот Гибралтар и на турските Дарданели и Босфор, па ќе ослабнат и меѓународните позиции на овие две земји. Но морало да се обезбеди тој канал да не минува низ места што не би биле пријателски расположени кон Србија и кон Грција.

Сепак, кога Русија и САД го потпишале договорот за заедничка изградба на каналот (во 1913 г.) и Американците стекнале право врз Прешевската долина, објаснува Демократскиот фронт за национално обединување, па затоа неговото централно претседателство нуди два предлога.

– Прешевската долина треба да се врати во фокусот на САД како прекуморска американска територија. Прешевската долина е подеднакво важна како Панамскиот Канал, кој е екстериторијализиран од Панама, и во неа е потребно присуството на САД исто како и во другите прекуморски американски територии – завршува писмото.

ПАТ, ПРУГА И КАНАЛ НА ЕДНО МЕСТО

Минатото лето, кога во јавноста повторно се отворија дебати околу евентуална размена на територии меѓу Србија и Косово, поточно косовскиот север во замена за Прешевската долина, македонски и српски аналитичари коментираа дека Косово во оваа идеја не гледа само можност да си ги реши меѓуетничките проблеми туку и шанса да си ја подобри својата геостратегиска позиција на Балканот. Ако се оствари тој план, косовската држава ќе заземе мало парче од клучниот Коридор 10, што иако нема да ѝ помогне економски, ќе ѝ послужи како инструмент за политички притисоци кон соседните земји, на кои овој патен правец им е многу важен. Засега планот официјално го одбиваат и Белград и Приштина, а и самата идеја за промени на границите на Балканот нема поддршка кај Западот.

Демократскиот фронт за национално обединување во писмото до Хилари Клинтон вели дека за да се реши проблемот со Прешевската долина, треба да се почитува принципот на самоопределување.

– Населението што живее таму мора да има право да го каже својот став. Треба да им се дозволи на луѓето таму да го кажат последниот збор со кого сакаат да живеат и со тоа да се стави крај на експерименталните политики на Балканот – порачува организацијата.

Минатата година, прво еден локален политичар од Бујановац, Јонуз Муслиу, изјави дека Албанците од Прешевската долина треба да бидат дел од косовската делегација на преговарачката маса со Србија, а потоа и косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи истакна дека тема во овие разговори треба да биде и состојбата со албанското население во Прешево, Бујановац и Медвеѓа. Потоа се појавија и теориите дека една од целите е стратегиска контрола врз Прешевската долина, која се покажа како клучна не само за патниот и за железничкиот сообраќај туку и за поморскиот. Но српскиот аналитичар Милан Николиќ вели дека за Србија е толку важен Коридорот 10 што таа воопшто не сака да преговара за Прешево, Бујановац и Медвеѓа.

– За Србија секако дека е неприфатливо прашањето за овие општини да се стави како тема на разговорите меѓу Белград и Приштина. Но Албанците се страна во тие преговори, па според тоа тие го имаат правото да изнесат на масата што сакаат. Впрочем, нивната тактика е да бараат премногу, за потоа да покажат дека божем попуштаат и се откажуваат од некои барања за кои однапред пресметале дека не можат да ги остварат. Исто како на пазар, кога ќе кажете некоја сосема нереална цена, не затоа што очекувате некој да ја плати, туку за да создадете простор крајната да биде што поповолна за вас. Секако, и Србија би можела да истапи со свои аргументи, во Косово не живеат Срби само на северот, туку и во други подрачја – вели Николиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top