
Автомобилите, домаќинствата кои се затоплуваат на фосилни горива и дрва како и градежните работи децении наназад го загадувале воздухот во Скопје. Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми за Сител вели дека полека се откриваат причинителите за преголемата концентрација на ПМ 10 честичките во скопскиот воздух. Според него најдобар показател за ова е фактот што најголемите капацитети веќе неколку недели не работат, а квалитетот на воздухот не се враќа во нормалните граници.
Последните истражувања покажуваат поразителни резултати, бидејќи половина година скопјани дишат загаден воздух. Во повеќе од 150 денови годишно контаминацијата на воздухот во главниот град неколкукратно ја надминува дозволената граница. 7 години во низа откако се спроведуваат теренските истражувања, концентрацијата на ПМ 10 честичките покажува тренд на континуирано зголемување. Ако нормалните вредности се 50 микрограми на метар кубен, неретко се случува цифрата да биде 10 пати поголема.
Отсуството на ветер, дожд и снег дополнително ја отежнува целата ситуација, тврдат познавачите на климатските услови.
И денеска концентрацијата на ПМ 10 честичките ги поминува сите нормални граници. Моменталните статистики кои пристигнуваат од терен покажуваат дека загадувањето на воздухот во главниот град е многу високо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


