Словенија, Унгарија и Бугарија утре на состанокот на министрите за енергетика на ЕУ, заедно со европскиот комесар за енергетика, Гинтер Етингер, ќе го бранат проектот „Јужен поток“ од обвинувањата дека договорите за негова
изградба што ги склучија одделни членки на ЕУ со Русија, се во спротивност со закондавството на ЕУ, како и од можната блокада на изградбата на гасоводот на територијата на Унијата, објави рускиот весник „Комерсант“.
Словенечката премиерка, Аленка Братушек, која вчера се сретна со нејзиниот руски колега Дмитриј Медведев, во интервју за „Комерсант“ изјави дека судбината на „Јужен поток“ ќе се решава утре, но не изнесе детали како проблемот може да се реши во рамките на ЕУ.
– Во четврток во Брисел на состанокот со европскиот комесар, Гинтер Етингер, ќе присуствуваат претставници на сите држави кои ги потпишаа меѓувладините спогодби со Русија за гасоводот. На состанокот ќе се разгледуваат сите проблеми – рече Братушек.
Европската комисија за енергетика минатата недела оцени дека меѓудржавните договори што со Русија ги потпишаа шестте држави-членки на ЕУ – Словенија, Бугарија, Унгарија, Австрија, Хрватска и Грција, како и Србија, не се во согласност со европското законодавство и се закани дека би можела да ја блокира работата на гасоводот кога тој ќе биде изграден, наведува „Комерсант“.
Братушек истакна дека е невозможно Словенија да потпише договор што е во спротивност со европското законодавство.
Дипломатски извор за „Комерсант“ изјавил дека позицијата на Европската унија кон „Јужен поток“ веројатно е поврзана со фактот што со ЕУ претседава Литванија, која е во конфликт со „Газпром“ и дека ваквиот став би можел да се промени кога претседатвањето ќе го преземе Грција, која и самата потпиша спогодба со Русија за изградба на гасоводот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.