| четврток, 6 декември 2018 |

Измените на Законот за вештачење на собраниска расправа

Собранието во продолжението на 74. седница денеска ја заврши расправата за предложените измени и дополнувања на Законот за вештачење, во прво читање.

Според Министерството за правда, целта на законските измени е создавање услови за поголема ефективност во вршење на дејноста вештачење, како и зголемување на квалитетот на вештачењата. Измените доаѓаат по заклучокот од Владата според кој, со цел намалување на трошоците за вршење вештачење и економичност на постапката, треба да се овозможи органите на државната управа, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост да можат да побараат вршење вештачење без спроведување јавна набавка.

Тоа, се вели во образложението, ќе придонесе за ефикасно работење на Бирото за судски вештачења и поголема економичност во однос на трошењето финансиски средства и продуцирање трошоци.

Износот на членарината во Комората на вештаци се предлага да не надминува една просечна месечна плата, за да не биде оптоварување во нивната натамошна работа.

Во тек на расправата пратеничката од СДСМ, Ана Павловска-Данева, оцени дека власта со законските измени сака да обезбеди пеофикасно работење на Бирото за судско вештачење со негово фаворизирање во однос на останатите приватни субјекти кои за таа цел полагаа испити и добија лиценци.

– Не се размислува за начини како тоа да стане поефикасно или за казнување за неефикасносто работење, туку со фаворизирање и давање буџетски пари, на сметка на тие што се стекнале со лиценци за тоа – рече Павловска – Данева.

Заменик-министерката за правда Билјана Бришковска Бошкоска ги негираше тврдењата на пратениците од опозицијата, истакнувајќи дека нема дискриминација.

– Нема повреда на темелните вредности во делот на дискриминација на останатите вештици. Секој што се стекнал со лиценца ќе може да работи, нагласи Бришкоска – Бошковски.

Според неа, вештаците кои се веќе запишани во регистарот на вештаци ќе мора да полагаат стручен испит, бидејќи дел од нив се запишани во регистарот без воопшто да полагаат стручен испит.

Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека Бирото ќе врши вештачења за различни потреби на органите во државна сопственост. Сосема е природно нивните вештачења да ги врши Бирото и нема никаква задна намера да се исклучат другите вештаци. Во судските постапки спротивставената страна има право сама да определи вештак, наведе Дулиќ.

Пред расправата за Законот за вештачење, не беше изгласан Предлог законот за измени на Законот за судови затоа што не беше обезбедено потребното мнозинство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top