Со двотретинско мнозинство, вклучувајќи ја и опозицијата, Собранието ги констатира оставките на Благоја Гешовски и Јанаќе Витановски, членови на Комисијата за верификација на фактите.
Оставки беа поднесени пред речиси една година.
– Подолг временски период, како во Комисијата, така и во јавноста го искажувам моето несогласување со начинот на кој се спроведува процесот во Македонија, односно сметам дека процесот целосно ја утна својата цел. Потврда на ваквите тези стигнаа и од Венецијанската комисија – наведува Гешоски.
Од своја страна, Витановски истакнува дека процесот на лустрација во Македонија оди во погрешна насока и ја утнал својата цел.
– Сметам дека Комисијата ја води нелегитимен претседател. Комисијата во својата работа акцентот го ставаше на поранешните функционери наместо на актуелните функционери. Исто така, законот содржи одредби кои Уставот веќе еднаш ги прогласи за противуставни, а сега тоа нешто го потврди и Венецијанската комисија, при што Комисијата ги користеше овие одредби – се вели во барањето за оставка од Витановски.
За неполни два месеца истекува мандатот на актуелниот состав на Комисијата за верификација на фактите.
Собранието ја заврши оваа седница и ќе продолжи со работа во рамките на 74. седница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.