Со прогласување на резултатите од натпреварите по шумарски вештини и сечење со моторна пила и со презентацијата на машини за производство на дрвена иверка, брикети и пелети од биомаса и од шумски отпад заврши првиот фестивал на шумата „Форест фест“.
На фестивалот беа прогласени и најдобрите литературни творби од конкурсот „Секое дрво има свое семејство“ што беше и мото на фестивалот. Првата награда ја освои Јована Топаловска, втората награда и припадна на Ангела Кржовска, а третонаграден е Јорданчо Папочки, сите ученици во Општинското основно училиште „Дедо Иљо Малешевски“.
– Со целосната реализација на фестивалската програма се оправда мисијата на Фондацијата „Подобрување на природни вредности и луѓе“, спонзорот на „Форест фест“ и на домаќинот општина Берово за подобрување на човековата добробит, на луѓето од руралните средини, преку нудење на квалитетни сервиси во шумарството, руралниот развој, животната средина и биомасата за обновлива енергија и поттикнувањето на капацитетите на локалните чинители да го постигнат својот одржлив развој, изјави Дарко Скендерски, секретар на Националното здружение на сопственици на приватни шуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


