| четврток, 6 декември 2018 |

Групацијата „Фероинвест“ прослави 10 години постоење

Учество во реализација на над 100 проекти во делот на обновливи извори на енергија, производство на електрична енергија, изградба на првите мали хидроцентрали во Македонија, од кои комплетно се завршени 14, а во тек е изградбата на останатите 5 хидроелектрани, за 12 пати зголемен бројот на вработени во компанијата, 4 пати поголемо производство на жичани производи и метални конструкции, над 90 проценти од производство наменето за извоз. Ова се само дел од успесите на групацијата „Фероинвест“ што одбележа 10 години од своето постоење.

– „Фероинвест“ е доказ дека сѐ е можно ако се има добар план и идеја за бизнис. Патот е лесен ако сакате да успеете, а ако не сакате, секако ќе ви биде тежок. Зад историјата на „Фероинвест“ стои посветеност и иновативност затоа што сме први во многу сегменти во кои делуваме, а кога сте први вие ги поставувате стандардите – изјави генералниот менаџер на компанијата, професор Кочо Анѓушев.

„Фероинвест“ е меѓу првите што отвори македонска компанија за продажба на електрична енергија користејќи ги бенефитите од обновливите извори на енергија и формирајќи балансна група на потрошувачи што ќе ѝ овозможи по либерализација на пазарот на струја да понуди најприфатлива цена за македонските компании. Компанијата е прва во изградба на малите хидроцентрали, со што стана единствена во Македонија со знаење и искуство во овој домен. „Брако“ како дел од групацијата е една од ретките успешни приказни во Македонија, каде што компанија под стечај по продажбата стана една од најдобрите 100 компании во земјава.

– Клучот на успехот е еден – создадете тим што дава резултати. Тимот на „Фероинвест“ дава резултати, а тоа е најголемото богатство на оваа компанија – изјави Анѓушев.

„Фероинвест“ како групација ја сочинуваат компаниите „Брако“, „Аквават“, „Мали хидро електрани“, „Езеро МХЕ“, „Другово-Студеница“, „Хидро Осогово“, „Еnergy maintenance solutions“ и „Energy delivery solution“. Групацијата е формирана во 2003 година и има околу 600 вработени. Компаниите делуваат во областа на металопреработувачката индустрија, на обновливи извори на енергија и на трговија со електрична енергија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top