| четврток, 6 декември 2018 |

Коалиција „СЕГА“: Не за ГМО храната

Македонија да не увезува ГМО храна е главна препорака на завршната конференција „Влијанието на генетски модифицираната храна врз младите луѓе“ во организација на Коалицијата на младински организации „СЕГА“ како дел од проектот COHEIRS „Граѓански набљудувачи за здравство и животна средина: иницијатива за одговорност и одржливост“, во Скопје.

Зоран Илиевски, извршниот директор на коалицијата „СЕГА“ вели дека со ваквите дискусии се зголемува свеста за користењето на ГМО храната и пренесување на различните мислења поврзани со оваа тема.

-Препораките кои ги искажавме на оваа конференција јасно укажуваат дека јавноста не сака да консумира и ГМО храната да биде дел од нивната исхрана – рече Илиевски.

Освен препораките, на конференцијата е истакнато Македонија да не произведува ГМО храна, редовно да се тестираат семињата и семенските материјали кои се увезуваат, но ако се дозволи увоз на ГМО храна, истата да биде видливо обележана на надворешното пакување.

Панел-дискусии беа организирани во Скопје, Прилеп, Битола и во Свети Николе со цел запознавање на граѓаните со тоа што е генетски модифицирана храна (ГМО), да се информираат за легислативата во Европската унија и Македонија поврзана со ГМО, контролата на истата храна, како и со евентуалните ризици и последици кои може да ги има врз здравјето на луѓето од користењето на генетски модифицираната храна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top