Во продложението на 77. седница пратениците дебатираа по предлог-законот за изменување на Законот за исплата на платите, по скратена постапка.
Заменик министерот за труд и социјална работа, Ибрахим Ибрахими, посочи дека платите во јавната администрација не можат да бидат зголемени поради светската и европската криза. Тој потсети дека не само што немало зголемување, туку во европските земји имало намалување на платите во јавниот сектор од пет до 30 проценти.
Пратеничката група на СДСМ нема да го поддржи законот, бидејќи, според нив, власта по петти пат одлага зголемување на платите во државната и јавната администрација. Цветанка Иванова од СДСМ забележа дека на сите вработени во јавната и државната администрација им се ускратува уставното право да им бидат зголемени платите за пет отсто, како што им беше ветено. Иванова нагласи дека според ветувањата на актуелната власт, досега платите во администрацијата требало да се зголемат за 20 проценти.
Сузана Анова од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека европската и светската економска криза влијаеле за нереализираното ветување за зголемувањето на платите во јавниот сектор, нагласувајќи дека на граѓаните секогаш им се кажуваат конкретно реализирани проекти.
Павле Трајанов од Демкратски сојуз рече дека за зголемување на платите треба да има основни предуслови, но оти во услови на економска криза, немало можност за тоа.
Во претпладневниот дел пратениците ги изгласаа измените и дополнувањата на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, предлог-законите за изменување на законите за придонеси од задолжително социјално осигурување и за платниот промет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.