
Делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот на Комората Бранко Азески, и од сопственикот на најголемата винарница во земјава „Тиквеш“ од Кавадарци Светозар Јаневски, во којашто има претставници од Здружението „Вина од Македонија“, како и од Групацијата М6, денеска оствари работна посета на една од најголемите кинески провинции Сечуан (провинција со околу 100 милиони жители).
Македонската делегација беше примена од гувернерот на провинцијата Сечуан, Веј Хонг, кој ја истакна благодарноста за посетата и изрази подготвеност за проширување на деловната соработка меѓу Македонија и оваа кинеска провинција.
На средбата беа потенцирани можностите за проширување на соработката и посебно начините за зголемување на македонскиот извоз.Во разговорите на двете делегации се разгледуваа и можностите за поттикнување на вложувањата, за зголемување на инвестирањето на бизнисмените од провинцијата Сечуан во Република Македонија.
Посебно се разговараше за извозот на вина во Кина, посебно во Сечуан, каде што македонските вина се веќе присутни со први количини, а лани во НР Кина беа извезени количини во вредност од 1 милион американски долари.
Оваа посета на провинцијата Сечуан од страна на македонската делегација е во насока на зголемување на извозните можности за целиот вински сектор, како и презентирање на поволностите на македонската економија за привлекување странски инвеститори.
Посетата на македонската делегација продолжува и во текот на следните денови, при што ќе се остварат средби со Бирото за промоција на инвестициите на провинцијата Сечуан, како и со други институции. Притоа, македонската делегација ќе има можност да ја претстави поволноста од вложување во Република Македонија и да ги потенцира можностите за зголемување на соработката.
Посетата на македонската делегација на провинцијата Сечуан е возвратна посета за зголемување на извозот на Република Македонија во оваа провинција. Во октомври годинава делегација од Сечуан ја посети винарската визба „Тиквеш“ од Кавадарци, каде што остварија деловна средба и со претседателот на Комората, Бранко Азески.
Вкупната трговска размена на Република Македонија со НР Кина во првите девет месеци од 2013 година достигна вредност од 342,5 милиони американски долари. При тоа, остварен е извоз во вредност од 67,1 милиони долари додека увозното салдо изнесува 275,4 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


