Вашингтон не ја признаваат зоната за противвоздушна одбрана, што Кина ја прогласи минатиот месец во Источно Кинеското Море и која опфаќа и јапонски и јужнокорејски острови, изјави денеска американскиот потпретседател Џо Бајден.
– Границите на регионот беа определени и објавени на мошне несоодветен начин, истакна Бајден на средба со претставници на јапонските власти и опозициските партии во Амбасадата на САД во Токио. – Тоа е обид за промена на статус квото во регионот и ние не го признаваме – изјави Бајден, додавајќи дека САД по ова прашање ќе дејствуваат во
координација со Јапонија.
Тој нагласи дека ова прашање ќе го покрене и пред кинеското раководство за време на претстојните разговори во Пекинг.
Бајден денеска ќе разговара со јапонскиот премиер Шинѕо Абе, а утре ќе отпатува за Пекинг, каде треба да се сретне со кинескиот лидер Кси Џинпинг. Бајден ќе ја заврши азиската турнеја со посетата на Сеул, каде ќе разговара со јужнокорејската претседателка Пак Гуан-хе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.