Перо Антиќ одигра речиси 8 минути во поразот на Атланта хоукс против Вашингтон, а ги промаши двата удари од поле и остана без поени. Визардс славеа со 108-101 и за првпат по 29 сезони во ноември имаат 8 победи. Сезоната ја почнаа слабо со скор од 2-7, но на последните 8 меча имаат 6 победи и сега се на еден успех до израмнет биланс во победи и порази (8-9).
Одличниот бек Џон Вол со 26 поени го предводеше Вашингтон до победа, а одлична подршка доби од Тревор Ариза и Мартел Вебстер, кошаркари што уфрлија по 5 тројки и заедно искомбинираа 43 поени.
Кај Атланта Пол Милсап беше најефикасен со 23 поени.
Во дербито на ноќешната програма во НБА, Хјустон го надигра Сан Антонио и му го нанесе првиот пораз на домашен терен. Рокитс водеа со 23 поени разлика во текот на третиот период, но Данкан и Паркер со серија поени ги вратија „мамузите“ во игра, па на крајот беше мошне интересно. Спарс му правеа намерни фаули на Двајт Хауард, кој е слаб изведувач на слободни фрлања, но тактиката не им успеа. Хјустон славеше со 112-106. Џемс Харден беше извонреден со 31 поен, Хауард забележа дабл-дабл со 13 поени и 11 скока, а сличен ефект имаше и теренс Џонс со 10 поени и 16 скока.
Кај Сан Антонио Паркер беше прв стрелец со 27 поени, а зад него е Данкан со 20 поени.
Резултати: Вашингтон – Атланта 108-101, Сан Антонио – Хјустон 106-112, Далас – Минесота 106-112, Феникс – Јута 104 -112, Милвоки – Бостон 92-85, Мемфис – Бруклин 88-97, Кливленд – Чикаго 97-93.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


