| четврток, 6 декември 2018 |

Отворена новата лабораторија на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство

Премиерот Никола Груевски и министрите за образование и наука и за здравство, Спиро Ристовски и Никола Тодоров, денеска ја посетија Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство каде што е инсталирана лабораторија за цитогенетски, пренатални и преимплантациски испитувања.

Инвестицијата е околу 18 милиони денари и е дел од проектот на Министерството за образование и наука за набавка и опремување лаборатории на јавните високообразовни институции.

Министерот Ристовски изјави дека лабораторијата е исклучително значајна за правилна и здрава реализација на ин витро и дека пренаталните испитувања како дополнителна проверка ќе се прават, пред се, кај родители со ризик да му пренесат некое заболување на детето.

– Апаратите од лабораторијата овозможуваат поквалитетен процес на прегледување и превенција од сите ризични болести кои може да се појават во рамки на психичките и состојбите кои се карактеристични за правилниот понатамошен раст и развој на децата – изјави Ристовски.

Д-р Братица Лазовска, биолог, специјалист по медицинска генетика, рече дека со лабораторијата ќе се подобри квалитотот на услугите кои веќе ги има на нивната клиника – цитогенетски и пренатални, а првпат во Македонија се воведува и техниката за преимплантациска генетика.

– Кај парови кои веќе се носители на некое заболување – хромозомско или молекуларно, би се извршувало одредено испитување на самите ембриони кога се во стадиум од шест до осумклеточни, и по завршената анализа ќе се селектираат здравите ембриони и ќе се имплантираат кај мајката. Бидејќи никој не може да каже кога или кое дете ќе биде носител
на некое заболување, ако веќе родителите се носители, единствен начин да се открие тоа е токму преимплантациската генетика – рече д-р Лазовска.

Фото: Дарко Попов

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top