Во пехчевскиот крај се пронесе информација дека геолошките истражувања во процесот на отворање нов рудник за бакар довел до загадување на водата за пиење на водоводите во неколку села. Оваа шпекулација е пуштена во јавност откако граѓанин на Берово бил во полициската станица и таму пријавил загадување на водите во Црник и во Негрево, но и во општинскиот центар. Граѓанинот рекол дека до загадување на водата за пиење дошло откако на Кадиица над Пехчево руската компанија „Солвеј“ започнала со истражни геолошки работи.
Во локалната самоуправа во Пехчево знаат за пријавата, но оттаму велат дека во она што го кажал беровецот немало ниту грам вистина.
„Информирани сме за тоа дека е поднесена таква пријава, но не ни е јасно кој толку неодговорно сака да стави под сомнеж и да се поигра со најважниот економски проект во изминатите две децении во нашата неразвиена општина. Свесни сме дека шпекулациите побргу патуваат до луѓето отколку вистинските информации и затоа ја користам можноста да укажам на фактите. Прво, водите од тоа подрачје се под постојан контрола на Заводот за јавно здравје, институција од која еднаш во месецот земаат мостри од шест различни места. Резултатите, вклучително и последните, само потврдуваат дека водите од тој простор се со највисок квалитет. Покрај Заводот за јавно здравје, квалитетот на водата редовно ја испитува и самиот инвеститор, фирмата ’Кадиица метал‘“, вели Јованчо Станоевски, градоначалник на Пехчево.
Првиот човек на малата општина, која со децении не видела добра стопанска инвестиција, тврди дека водата од Кадиица нема допирни точки со водоснабдувањето на спомнатите села, како и Пехчево. Станоевски укажува дека селото Негрево се снабдува од регионалниот општински водовод, а селото Црник од Винички Присој, односно Црничка Река, чии води немаат ништо заедничко со просторот на кој се извршуваат геолошките и хидрогеолошките истражувања.
Но, шпекулацијата во однос на ова прашање не застанува тука. Во овој крај се говори дека кога ќе започне експлоатација на бакарот, водата од ова подрачје немало да ја бидува за ништо. Ниту за нивите ниту за стоката, а најмалку за луѓето. Сепак, Николајчо Николов, заменик-директор во рудникот за бакар „Бучим“, чиј инвеститор, исто така, е руската компанија „Солвеј“, тврди дека така размислуваат само луѓе кои немаат никакви познавања во однос на отворањето и работата на рудниците.
„На Кадиица ги завршивме истражните работи и утврдивме постоење бакар погоден за економска експлоатација. Сега таму стручни екипи од хидрогеолози работат на испитување на подземните води, процес што треба да биде завршен до средината на годината по што планираме да стартуваме со изградбата на фабриката. Но, без А – интегрирана еколошка дозвола ниту смееме да помислиме дека можеме да отвориме рудник“, вели Николов. Тој додава дека „Солвеј“ како инвеститор мислел на оваа проблематика и навреме ги презеле сите мерки за заштита на природата во просторот на кој ќе биде изграден новиот рудник. Тоа значи дека реализираат затворен систем на т.н. лужење, па кога ќе стартува рудникот ќе нема допирни точки со било кои води надвор од самиот систем.
„Претставници на министерствата за економија и за екологија беа во Екатеринбург, Русија и на самото место се уверија дека рудник за бакар во кој се применува системот на лужење е во самиот град, а човековата околина е беспрекорно заштитена“, укажува Николов.
Во Пехчево со нетрпение се очекува стартот на рудникот за бакар. Тоа е инвестиција тешка 100 милиони евра и ќе значи вработување на околу 150 млади од овој пасивен крај.
Извор: Утрински весник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.