| четврток, 6 декември 2018 |

Во градинките и училиштата нема многу отсутни поради грипот

Во детските градинки се почитуваат превентивните санитарно-хигиенски мерки и нема зголемен број отсутни ученици и деца поради грипот. Ова го соопштија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој активно е вклучен во следењето на сезонскиот грип и почитувањето на одлуките од Комисијата за следење на состојбата со грип во Република Македонија.

– Инспекторатот донесе 528 решенија за детските градинки, за сите образовни установи – средни и основни училишта, како и за социјални установи. Направени се околу 374 контроли и во детски и во образовни установи согласно донесените решенија и тие се уште се во тек. За социјалните установи донесени се 20 решенија – изјави денеска раководителот на Секторот за инспекциски надзор при ДСЗИ , Вера Менковска.

Инспекторатот констатирал дека се почитуваат превентивните мерки, а тоа е засилена хигиенизација на која се инсистира, да се обезбедени дезифекциски средства и редовно да се врши дезифекција на простории каде престојуваат деца и ученици, да се проветрува постојано и да се следи здравствената состојба.
– За секое значително отсуство е задолжено со решение и училиштето и градинката да го известува Инспекторатот за да може доколку има такви случувања да се преземат дополнителни мерки. Таму каде имаше извесни отстапувања од превентивните мерки направени се контролни надзори и се следи состојбата и сметаме дека е коректно во овој момент – додаде Менковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top