Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави дека при евентуалната идна независна Шкотска, која би се отцепила од Велика Британија, не ќе може по автоматизам да стане членка на ЕУ.
– Јас ја почитувам одлуката на Британците (да се организира референдум за независност), но ако еден регион реши да се отцепи од земја-членка на ЕУ, тој не може да остане во Унијата, туку треба да биде надвор од неа. Тоа мора да го знаат како Шкотланѓанте, така и сите другите во ЕУ – рече Рахој.
Според шпанскиот премиер, подоцна, отцепениот регион треба да почне преговори и да се избори за договор со сите членки на Унијата за да може да се приклучи кон ЕУ.
Ова е прва реакција на една земја од ЕУ на промоцијата на „Белата книга“ за независна Шкотска, што во Глазгов ја презентираше лидерот на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) и прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд.
Тој и неговата влада сметаат дека Шкотска веќе е членка на ЕУ како дел од Велика Британија, па предвидуваат да почнат преговори за „формално членство“ уште пред да биде официјално прогласена шкотската независност.
Доколку на референдумот од 18 септември идната година мнозинството шкотски гласачи се определат за отцепување од Обединетото Кралство, водството на СНП и Владата во Единбург предвидуваат веднаш да почнат преговори со Брисел.
Рахој им порача на властите во Единбург дека ги знаат последиците од евентуалната сецесија.
– Верувам дека сите последици од таквиот чекор ќе им бидат реално презентирани на гласачите во Шкотска – вели шпанскиот премиер.
Рахој не рече дека Шпанија би го блокирала влезот на Шкотска во ЕУ ако дојде до таква ситуација, но официјален Мадрид не крие дека е категорично против шкотската независност.
Премиерот на Шпанија е остар противник на барањата на каталонските сепаратисти за одржување референдум за независност на оваа шпанска провинција, па изјавата по повод шкотската „Бела книга“ се оценува и како порака за сепаратистите во Каталонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.