| четврток, 6 декември 2018 |

Спречен обид за шверц на филигран

Царинарниците на скопскиот аеродром „Александар Велики“ спречиле обид за нелегално внесување на рачно изработен сребрен накит, филигран чија вредност се проценува на 65 илјади евра, соопшти Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа.
– Накитот е откриен кај четворица турски државјани кои вчераутро пристигнале со авион на компанијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул. По пристигнувањето царинските службеници забележале дека се однесуваат чудно и неприродно, долго чекаа да си го подигнат багажот, а во моментот кога еден царински службеник разговарал со патник брзо се упатиле кон излезот на аеродромот каде поминуваат патниците кои немаат ништо за пријавување. Царинскиот службеник ги застанал четворицата по што ги однел на контрола на скенер и е откриена непријавената стока – изјава Каргов.
Набавната цена на филигранскиот накит кој е рачно изработен е околу 32.000 евра. Досега, накит, со таков квалитет не е откриен во Македонија.
– Против четворицата турски државјани поднесена е кривична пријава, а запленетиот накит е привремено одземен и ќе и биде предаден на Агенцијата за управување со запленет имот. Во службениот разговор прекршителите информирале дека накитот требало да го предадат на лице од Гостивар – изјави Каргов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top