| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Малолетниците да не се користат за дневна политика

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска од Собранието апелираше до политичките партии и до граѓаните инцидентите што се случија во изминатиот период, особено оние меѓу малолетни лица, да не се користат за дневна политика и за водење кампања на политичките партии.

Јанкулоска одговараше на пратеничко прашање поставено од пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ за тоа дали полицијата ја открила причината за неодамнешните инциденти меѓу малолетниците.

Министерката Јанкулоска посочи дека откривањето и притворањето на осомничените за еден од инцидентите во автобусите упатува јасна порака до сите дека насилството ниту треба ниту смее да биде одговор на која било ситуација.

– Верувам дека ќе се придружите кон овие мои апели и заеднички ќе ја испратиме пораката до младите луѓе за меѓусебна толеранција и разбирање во функција на надминување на сите конфликтни ситуации во кои тие можеби ќе се најдат – рече Јанкулоска.

МВР, додаде таа, прави сериозна анализа и води грижа да се намалат трендовите, а позитивната атмосфера да се подобри во функција на мирно надминување на тие ситуации. Јанкулоска истакна дека нејзиниот апел е и во насока на обесхрабрување на сите поединци и групи кои на кој било начин се обидуваат децата и малолетните лица да ги стават во функција на нивни дневно-политички цели.

Министерката ја повика и опозицијата да се приклучи на настаните преку кои им се испраќа порака на младите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top