Британскиот премиер, Дејвид Камерон, ги отфрли предупредувањата од Европската Комисија околу најавените нови мерки на Владата во Лондон против имигрантите од ЕУ.
Во соопштението на „Даунинг стрит 10“ се вели дека работата на новите, построги мерки кон европските имигранти ќе продолжи.
Според канцеларијата на британскиот премиер, новите мерки за депортирање на имигранти од земјите на ЕУ кои немаат работа и стан, како и за блокирање на нивното право на социјална помош од британските фондови, ќе бидат усвоени „што е можно поскоро“.
Ваквата реакција на официјален Лондон, доаѓа по острите критики на еврокомесарот за вработување, Ласло Андор, упатени на сметка на британската Влада. Андор ги предупреди Британците дека со своите нови мерки ризикуваат да бидат означени како „непријатна и грозна земја“ и побара од Владата на Камерон да им ја каже на своите граѓани вистината за социјалната помош што им се дава на имигрантите од ЕУ.
Еврокомесарот за правда, Вивијан Ридинг, претходно, му порача на Лондон дека „слободата на движењето за жителите на Европската Унија е работа за која не може да се преговара“. Владата на премиерот Камерон на почетокот од летото најавија заострување на мерките против имигрантите од земјите на ЕУ,обвинувајќи дел од нив дека доаѓаат во Велика Британија на „социјален туризам“ користејќи ги „богатите британски социјални фондови“.
Мерките се носат за да ја заштитат земјата од „напливот на Бугари и Романци“ по 1 јануари 2014 година, кога престанува седумгодишното ограничување за државјаните на овие балкански земји за вработување во сите сектори на економиите на другите земји-членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


