| четврток, 6 декември 2018 |

Нов парк во центарот на Ресен

Препознавајќи ја важноста на зелените површини во одржувањето на квалитетот на животната средина, особено во урбаните средини, Општината Ресен отпочна со подигнување на нов парк во близина на централното градско подрачје.

Проектот за паркот е во согласност со најсовремените стандарди за еколошки базирано уредување на урбаните површини. Покрај дрвjата и другото зеленило, паркот ќе изобилува и со други еколошки содржини и тоа: соларно осветлување, фонтани кои штедат вода, како и детско игралиште во рамките на кое, преку игра, ќе се промовира еколошката едукација на најмладите од општината.

-Со подигнувањето на овој парк ние како општина дополнително се ангажираме во одбележувањето на традиционалната манифестација Ден на дрвото. Нашата цел е преку подигнување на вакви површини директно да придонесеме кон заштита на животната средина, но и да го издигнеме квалитетот на живот на локалното население на повисоко ниво“, изјави м-р Ѓоко Стрезовски, Градоначалник на Општина Ресен.

Овој парк се подигнува како најава на бројни слични потфати кои почнувaјќи од 2014 година ќе се реализираат на целокупната територија на Општина Ресен. Имено, во рамките на Проектот за заштита на Преспанското Езеро ќе се распише програма за грантови за локалните заедници, која ќе има за цел преку мали инфраструктурни проекти да придонесе кон заштитата на Преспанското Езеро од влијанијата кои доаѓаат од неговото сливно подрачје. Буџетот на програмата за грантови се проценува на околу половина милион швајцарски франци.

Општината Ресен го спроведува Проектот за заштита на Преспанското Езеро благодарение на финансиската и техничката поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и на УНДП.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top