Американското Министерство за правда заклучило дека треба да се откаже од кривичното гонење на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, бидејќи во спротивно би морало да ги тужи и американските медиуми и новинарите, пишува весникот „Вашингтон пост“. Формалната одлука се уште не е донесена, но додаваат дека се минимални шансите Асанж да биде обвинет дека на интернет објавил воени и дипломатски документи, кои имаат ознака за тајност.
Иако слични обвиненија се подигнати против Едвард Сноуден и поранешниот американски војник Бредли Менинг, правните советници на Министерството наведуваат дека случајот со Асанж е поинаков, бидејќи тој не е вработен во некоја американска државна институција, па поради тоа и не може да биде обвинет за откривање на податоци.
– Кога Асанж би бил обвинет, би требало да бидат обвинети и новинарите- го пренесува „Вашингтон пост“, поранешниот портпарол на Министерството за правда, Метју Милер. Во тој случај цел на обвинение би биле и „Њујорк тајмс“, британскиот „Гардијан“ и „Вашингтон пост“, бидејќи тие весници ги објавија податоците од страницата на Асанж, Викиликс.
Асанж од јуни минатата година, се наоѓа во Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде доби политички азил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


