За неколку седмици би имале слика за тоа што може да очекуваме од средбите на работните групи меѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија во однос на потпишување Договор за добрососедски односи, изјави денеска шефот на дипломатијата Никола Попоски. За сега нема конкретни заклучоци.
– Ние имаме исклучително отворен и конструктивен пристап во комуникацијата со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Сметаме дека секој чекор кој може да ни овозможи подобро интегрирање, поголема соработка треба да го поздравиме, рече Попоски по средбата во Скопје со генералниот секретар на Советот за регионална соработка во Југоисточна Европа, Горан Свилановиќ.
За амандманите поднесени од Бугарија во Советот на Европа, Попоски посочи на неговата дефиниција за добрососедството како начин на изразување искреност кон својот сосед. Во тој контекст, според Попоски, во односите кои ги имаме во мултилатерален контекст, било да се однесува на резолуциите во Советот на Европа, во Европскиот парламент или кој било контекст, би требало да настапуваме искрено.
– Јас тргнувам секогаш од принципот дека не треба да го правиш она што не сакаш да ти го прават тебе. Имаме многу широк материјал и многу добра билатерална основа за соработка која може и натаму да не приближува и да не европеизира во односите и таму треба да ја фокусираме енергијата, а не да ја трошиме на оние работи кои може секогаш да бидат злоупотребени за креирање на перцепција за немање на добрососедство, додава Попоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


