Претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров, денеска од Битола јавно реaгираше во врска со новонастанатата состојба со проблемите кои беа предизивикани од т.н. отровни краставици извезени од Македонија, а вратени од пазарот во Хрватска. Ги осуди и јавните настапи на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во врска со предизвиканиот проблем.
Според Тантаров, македонските краставици, наместо на трпеза, завршиле на буниште поради што е предизвикана голема штета на македонскиот извоз на земјоделски производи.
– Наместо на хрватските пазари, македонските краставици се најдоа на хрватските буништа. Ние како Сојуз на земјоделци мора да реагираме дека со овој потег на извозниците на т.н. отровни краставици ќе се зададе голем удар на македонското земјоделство. Познато е дека нашата држава по распаѓањето на Југославија долго време се бореше да направи ред со пазарите во поранешна Југославија и токму во Хрватска во 2001 година кога беше потпишана спогодба за асоцијација и Македонија доби виза од ЕУ сите земјоделски производи произведени во Македонија да се извезуваат во ЕУ без притоа да се плаќаат некакви давачки. Тогашната вест од Хрватска до 2006 година не беше преточена во стварност и на тој план ништо не се направи. Дури потоа, по 2006 година, во овие седум години со напори на нашата влада, чекор по чекор се освојуваа европските пазари за нашите земјоделски производи – посочи Тантаров.
На денешната прес-конференција во Битола, претседателот на СЗМ нагласи дека годинашниот голем извоз на земјоделски производи во странство исклучиво се должи на владината помош и поддршка на земјоделството.
– Некои тврдат дека нашата Влада бадијала досега дала 500 милиони евра кога бенефитот од нашите земјоделски производи е многу мал, но тоа апсолутно не е точно, бидејќи годинава извозот на македонски земјоделски производи ќе достигне до 600 милиони евра, што се големи средства за мала држава како нашата. Но, со овие т.н. отровни струмички краставици ќе биде нанесена посебна голема штета на постојниот извоз на преспански и тетовски јаболка, на претстојниот извоз во наредната година на раните градинарски култури, потоа на праските, на грозјето, виното и други земјоделски производи што нашата држава ги извезува на пазарите на ЕУ.
Тантаров ги отфрли и јавно ги осуди вчерашните реакции на претседателот на СДСМ Зоран Заев и неговиот пристап кон решавањето на проблемот предизвикан со извозот на краставици од струмичкиот регион.
– Вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев ги осуди реакциите на нашите земјоделци од источна Македонија, односно нашиот Регионален центар и асоцијацијата на земјоделци во Штип. Тој воедно најави тужби за медиумите и за земјоделците што реагираа за ова што се случи. Ние сметаме дека Зоран Заев треба да ги смирува работите и да побара помош од Владата за стопирање на се што ќе биде негативно со пласманот на нашите производи на поранешните југословенски и европските пазари и да се најде модел за да се заборави тоа што се случи, а тој зборува нешто што е недолично за лидер на голема партија, нагласи Тантаров. Тој притоа го осуди и вчерашното јавно омаловажување на нивниот член на СЗМ и истакнат земјоделец Никола Стаменов од страна на Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.