| четврток, 6 декември 2018 |

Физибилити студија за 80 мали хидроцентрали за повеќе струја

mala hidrocentralaПроектот изградба на мали хидроцентрали ќе приднесе за зголемено производство и намалување на увозот на електрична енергија, намалување на емисијата на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина и придвижување на локалната економија, оцени министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, на промоцијата на студијата за оправданост која ги содржи сите информации од економска, правна, финансиска и техничка анализа, со препораки и заклучоци за 80 локации за кои ресорното министерство треба да даде концесија.

– Ја имаме предвид атрактивноста на локациите, како и подобрување на условите за инвестирање во малите хидроелектрични централи, што е предуслов за успешност на целиот проект – рече Адеми.

Од особена важност, како што нагласи, е да се истражат и понудат најоптимални решенија.

– За таа цел, врз основа на наодите од студијата за оправданост, се разгледуваат можностите за групирање одредени локации по водотеци, можностите за промена на повластените тарифи за произведена електрична енергија, како и за изменување и дополнување на мрежните правила и поедноставен приклучок во електричната мрежа на Македонија – подвлече Адеми.

Инвестициските трошоци за 80 мали хидроцентрали се проценети на 176 милиони евра, а вкупната инсталирана моќност е проценета на 63 мегавати. Вкупното производство на електрична енергија, доколку се реализираат сите 80 мали хидроцентрали, се очекува да изнесува 226 гигават-часови.

Ресорниот министер денеска ја промовираше и веб-страницата, преку која ќе се обезбеди транспарентност во реализацијата на активностите, како и навремено и објективно информирање на граѓаните, инвеститорите и сите заинтересирани страни.

Во согласност со планот, до крајот на годината Министерството ќе објави шест пакети на мали хидроелектрични централи, а рокот на аплицирање е 90 дена од објавувањето на тендерот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top