Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони одново ја покрена својата партија Форца Италија само еден ден по расцепот што настана во неговата десноцентристичка алијанса ПЛД, со која учествуваше на последните парламентарни избори.
Дисидентите од оваа алијанса, предводени од Анџелино Алфано, доскорашна десна рака на Берлускони, претходно соопштија дека ја напуштаат ПЛД и формираат фракција во Парламентот.
Берлускони призна дека ваквиот потег на Алфано длабоко го погодил, но рече дека неговата старо-нова партија Форца Италија ќе соработува со новата фракција.
Внатрепартиските тензии во Алијансата ПЛД, која на изборите беше израмнета со левоцентристичкиот блок, па мораше да се формира италијанската голема коалиција за да се создаде стабилна влада и да се спречат нови избори, настанаа откако Берлускони се соочи со исклучувањето од Парламентот откако беше осуден за затајување данок.
Во обид да го спречи таквото решение, што треба да го донесе една сенатска комисија, Берлускони се закани со растурање на владината коалиција, но тој негов потег го спречија Алфано и неколкумина пратеници кои јавно се спротивставија на растурањето на коалицијата и на соборувањето на владата. Соочен со бунтот на дел од неговите пратеници, Берлускони се откажа од создавањето владина криза и ја поддржа коалициската влада.
Сенатската комисија наскоро ќе треба да одлучи за политичката иднина на некогашниот премиер, но Алфано и неговите истомисленици, не чекајќи ја одлуката, решија да дејствуваат сами во Парламентот. Алфано изјави дека по излегувањето од досегашната алијанса ПЛД, италијанската влада е безбедна и без закана да биде соборена.
Доколку комисијата на Сенатот се определи за исклучување на Берлускони, ќе се овозможи тој да биде уапсен и да почне да ја издржува затворската казна на која е осуден во октомври 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


