| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен конкурсот за „Најдобар млад научник“ за 2013 година

Отворен е Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2013 година, признание што го доделува претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

На конкурсот што ќе биде отворен до 31 декември може да се јават сите млади лица до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Проектот „Најдобар млад научник“, инициран од страна на претседателот на Република Македонија има цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

– Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најдобар млад научник на годишно ниво, што претставува поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. Доделувањето на признанието претставува валозирација на заложбата на претседателот Иванов за поддршка на науката, научните установи, младиот научен кадар, како и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката“, вели проф. д-р Атанас Кочов, претседател на Комисијата за доделување на признанието „Најдобар млад научник“.

Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2013 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2013 година.

Признанието „ Најдобар млад научник“ прв пат беше доделено на м-р Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада.

Претседателот Иванов, на избраниот апликант на почетокот на следната година ќе му го врачи признанието „Најдобар млад научник“, што се доделува по четврти пат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top