Македонија ги презема сите безбедносни мерки што се предвидени со Законот за класификувани информации и Законот за следење на комуникациите. Се следат трендовите за заштита на комуникациите, за обезбедување сигурносни линии за комуникација на државниот врв. Меѓутоа, никој не може да се заштити сто проценти.
„Зар е за сомневање дека Германија би дозволила да ’настрада‘ мобилниот телефон на Ангела Меркел“, велат од македонското МВР.
Иако ниедна техника не е имуна, најбезбедни се сателитските телефони поради најмало учество на посредници. За македонскиот државен врв постојат посебни телефонски линии, односно безбедни локални системи. Но тие не се користат често, додаваат познавачите. Политичарите, најчесто, се потпираат на мобилната телефонија, верувајќи во прикаската дека системот на моделите „блекбери“ е најтежок за шпионирање. Затоа, истекувањето на информациите при прислушување не зависи само од техниката.
Една од препораките е да се внимава што се споделува преку телефон или друг систем за електронска комуникација – „Скајп“, „Вајбер“, е-пошта. Дел од политичарите, особено тие што се во државниот врв и околу него, имаат пристап до класификувани информации. На пример, тие што присуствувале на официјална средба посветена на процесот и Нимиц, би требало да се воздржуваат да ги споменуваат деловите што влегуваат во доменот „класификувани“, па дури преку телефон да се зборува и со друг учесник на средбата.
За да се зачува „мирот“ од странските големи уши, МВР и Управата за безбедност и за контраразузнавање ги преземаат пропишаните мерки, најчесто криптозаштита, но тоа не гарантира стопроцентна безбедност. Тие се дел и од заштитните мерки за комуникацијата со македонските амбасади во странство. За нив постојат и стандарди за посебни безбедни комуникации. Притоа, во поголемите дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) постојат „глуви соби“, каде што е невозможно да се прислушува.
И определени простори се претвораат во „глуви“. Такво место е, на пример, македонската претседателска палата. Просторот е физички обезбеден од прислушување, опремен е со апарати-блокатори на мрежно покритие, кои не дозволуваат продор на сигнал од надвор. Во тој простор не функционираат мобилните уреди.
Дипломатско-екстериторијално покритие
Веста дека во дури 19 европски метрополи американските амбасади биле базата на НСА и на ЦИА за прислушување, ги подгреа тезите дека странските сили во Македонија прислушуваат од таму. Опремувањето на амбасадите со техника за следење е противзаконско, а амбасадите се обврзани да ги почитуваат домашните закони. Доколку се открие дека од амбасадата се прислушува, се преземаат соодветни мерки. Сепак, поранешниот грчки вицепремиер Теодорос Пангалос, по големата глобална афера за американските „пријателски“ однесувања, откри дека Вашингтон прислушувал од амбасадата во Атина, која, пак, била цел на грчките прислушувачи. Сепак, шпионскиот „фер плеј“ е поинаков.
– Иако ДКП уживаат екстериторијалност, во функција на контраразузнавање се применуваат методи за следење „непријателска активност“. За да не бидат деконспирирани, постојат посебни екипи за контрадиверзиска заштита, кои настојуваат да ги откријат методите на земјата-домаќин за да оневозможат откривање на дејствата и на задачите – ги објаснува правилата универзитетскиот професор д-р Злате Димовски.
Странските амбасади во Македонија имаат подобра заштита отколку нашите во странство, пред сè, поради финансиските можности, велат познавачите. Но, парите не гарантираат „глувост“. Доколку се „премерат“ изминатите 20 години, странските дипломати биле повеќе прислушувани, отколку што прислушувале. За таа шпионска математика постои формула: колку повеќе државата-домаќин е поприсутна на картата со зони на интерес на големите сили – пред сè воените ефективи, политичките интереси надвор од границите или карактеристиките на економијата, толку е поприслушувана.
Странските разузнавачи најмногу ги интересира радикалниот ислам, особено по септември 2001 година. И покрај редовната размена на информации со македонските служби, странците сакаат сами да соберат информации од терен. Во рамки на соработката, американската НСА на сојузничките држави, меѓу кои и на Македонија, им подари апарати за следење комуникации програмирани да „пресретнат“ терористички пораки. Во ова навраќање на минатото, вреди да се спомене и дека во деведесеттите години на минатиот век, најактивни во прислушувањето во Македонија биле српските служби. За тоа, познавачите велат дека при крај на бомбардирањето од НАТО на Србија и палењето на американската амбасада во Скопје, југословенски амбасадор во Македонија беше Зоран Јаначковиќ, поранешен потсекретар во југословенското министерство за внатрешни работи, кој располагал со голема шпионско-кодошка мрежа. Шпионската историја на Македонија вели дека во чекор биле следени и странските олеснувачи по конфликтот во земјата во 2001 година, како и сите други странски дипломати, кои по тој повод доаѓаа во државата. Секако, под будно око била и најголемата амбасада во Скопје.
Се шпионира и туѓата шпионска техника

Практиката на следењето на комуникациите се смета дека не е прекината во регионот. Колку и да се засилува регионалната соработка во борбата против организираниот криминал и тероризмот, во услови на топло-студени односи на политичките игри „на нерви“, се претпоставува дека соседите меѓусебно си ги следат комуникациите на дневна основа. Македонија го користи прислушувањето бидејќи тоа е најдобриот начин за добивање свежа и употреблива информација. Затоа, додава Димовски, се прислушуваат странските држави.
– Во таква сложена ситуација, кога секој – зборуваме за државни власти – има можност да активира средства за дознавање на туѓите „тајни“, посвежи и употребливи информации добива тој што има најсовремена техника. Во овој дел е трката за техничко усовршување, но и за техничко „шпионирање“ – дознавање за техничките достигнувања на другите држави. Тоа е особено важно заради градење на односите со соодветната држава. Многу е корисно да се знаат плановите, расположението, активностите, па и проблемите на „непријателскиот фактор- држава“ – додава Димовски.
Сепак, главна цел на следењето се организираниот криминал и терористички организации што го усовршуваат својот систем на дејствување до совршенство. Во Македонија, освен МВР и Министерството за одбрана, без одобрение од надлежен суд прислушуваат и јавниот обвинител, финансиската полиција и царината. За да нема пречекорувања на овластувањата, воспоставена е цивилна контрола, која во реалноста тешко функционира. Тие се нетранспарентни не само во делот на нивното оперативно работење, што е вообичаено и во развиените држави, туку и во однос на финансиските средства што ги трошат, и во однос на опремата што ја набавуваат.
Текстот е преземен од неделникот Република, бр. 62
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.