Намален е бројот на младите кои активно бараат работа, а и стапката на невработеност кај лицата на возраст од 15 до 24 години е речиси двојно повисока од онаа на возрасните, покажуваат истражувањата спроведени од страна на Коалицијата на младински организации – СЕГА.
Според истражувањата, повеќе од 90 проценти од младите не се заинтересирани и не ги користат мерките кон нивно побрзо вработување, а причините за тоа се верувањето дека ќе најдат работа преку роднинско-пријателски врски, како и недоволната информираност за мерките за вработување кои се наменети за нив.
– Демотивираноста на младите може да се побара во тоа што најголем процент од нив веруваат дека набрзо ќе најдат работа доколку имаат роднинско-пријателски врски и многу малку веруваат во институциите и програмите. Исто така, младите не се и доволни информирани за програмите и мерките кои се насочени кон нив – го пренесува МИА Зоран Илиевски, извршен директор на коалицијата СЕГА.
Тој смета дека за да се обезбеди побрзо и подобро вработување на младите, потребна е поголема информираност на младите, креирање соодветни мерки и поврзување на пазарот на трудот со образовниот систем.
– Резултатите од истражувањата покажуваат дека се генерираат голем број несоодветни кадри кои не се потребни на пазарот на трудот и се соочуваме со целна група млади кои завршиле високо образование, а нивниот капацитет и нивното знаење не е потребно на пазарот – истакнува Илиевски.
Од коалицијата препорачуваат да се применат и дополнителни мерки за примена на волонтерството и да се зголеми обемот на активни мерки за практиканството.
Во 2012 година беше донесен Националниот акциски план за вработување на младите кој нуди политики за подобро образование и зголемување на видовите и различноста на обуките, со акцент на реформата на наставните планови за стручното образование за да се опфатат нестручните вештини и учењето засновано на работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


