
Собранието денеска во рамки на 74. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка.
Со предложените измени се предвидува проширување на опфатот на инспекциските служби кои ќе може да казнуваат за пушење на недозволени места. Се предвидува инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон да вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, додека Државниот просветен инспекторат да врши инспекциски надзор во објектите во кои се врши основно, средно и високо образование, научни институции, ученички и студентски домови, јавни и приватни воспитно-образовни и згрижувачки установи и игротеки.
Опозициските пратеници тврдеа дека законот се поднесува без никаква анализа за тоа зошто се проширува инспекцискиот опфат, колку лица и правни субјекти се казнети досега, колку објекти се затворени и во кои делови на земјата, како забраната за пушење се рефлектира на прометот на кафеаните.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека ако има поголем број инспекции, поголема е веројатноста дека граѓаните нема да бидат фатени.
– Автоматски помал ќе биде бројот на казните. Мислам дека нивниот број нема да се зголеми туку дека ќе остане ист. Казна се изрекува на оној што не го почитува Законот. Со овој закон не се зголемуваат казните – изјави Тодоров.
Пратениците ја почнаа и расправата на измените на Законот за пасишта во прво читање, а на дневен ред на седницата се и на Законот за земјоделското земјиште и на Законот за социјалната заштита, како и Предлог на закон за медијација, во прво читање.
На дневен ред на оваа седница се и измените на Законот за вештачење и на Законот за парничната постапка, како и Предлог законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, поднесен од група пратеници од опозицијата.
Во претпладневниот дел на седницата пратениците ја завршија и расправата по измените и дополнувањата на Законот за пасишта.
Со нив се уредуваат условите, начинот и постапката за давање на користење на пасиштата во државна сопственост. Со овие измени и дополнувања на законот за пасишта ќе се овозможи регулирање на правото на користење на пасиштата во државна сопственост, а кои не се дадени на користење на корисниците на пасиштата и кои досега го немаат регулирано ова право.
Измените и дополнувањата треба да овозможат поголема транспарентност на процесот на давање на користење на пасиштата во државна сопственост. Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пасишта се регулира начинот на давање на користење на пасиштата во државна сопственост со кои стопанисува Јавното претпријатие за пасишта, се дефинира постапката за давање на користење на пасишта во државна сопственост, со утврдување содржина на Јавниот оглас, се дефинира правото на учество на јавниот оглас, критериумот за избор на најповолен понудувач, постапката на отварање на понудите, евалуација и Предлог за избор на најповолен понудувач.
Исто така се регулира начинот на кој се носи одлуката за избор на најповолен понудувач, а се дефинира начинот на водење регистар на пасишта во државна сопственост и забраните за разорување и узурпација на пасиштата.
Собраниската седница ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


