| четврток, 6 декември 2018 |

УКИМ го одбележа Светскиот ден на науката

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и оваа година се вклучи во глобалното чествување на науката и преку изложби во Ректоратот ги презентираше научно-истражувачките проекти што ги финансирал во 2012 година и монографиите, зборниците и другите научни трудови што ги објавил неговиот истражувачки кадар во 2012/2013 година.

Светскиот ден на науката за мир и развој, кој се одбележува на 10 Ноември, УНЕСКО годинава го посвети на заштитата на водите и резервите од вода, за кои генералниот дирекор на светската организација Ирина Бокова во пораката наведува дека ги надминуваат границите на државите и се заедничко добро и грижа на целото човештво.

Ректорот Велимир Стојковски истакна дека УКИМ со својот научен потенцијал се вклучува во проекти што го засегаат современиот свет, како истражувањата на озонската обвивка, производство на здрава храна и во заштита на водите – што е и тема на годинешното одбележување.

Истражувањата на УКИМ резултураат со голем број научни трудови, многу од нив објавени и во меѓународни списанија со фактор на влијание што, според ректорот Стојковски, се должи и на новите лаборатории набавени преку програмата на Владата на РМ за опремување на факултетите од сите јавни универзитети.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека Владата редовно го зголемува процентот на учество со средства во научно-истражувачката дејност.

– Република Македонија е мала земја чиј севкупен развој најмногу се базира на знаење и креирање вештини. Така и ќе остане, затоа што ние немаме енормни природни богатства, а ниту пак, во иднина ќе ни се појават нафтени полиња или мориња со долги песочни плажи. Ве уверувам дека како Влада ќе продолжиме со политиките за развој и унапредување на научно-истражувачката дејност, рече Ристовски пред професорите на УКИМ кои присуствуваа на отворањето на изложбата по повод Светскиот ден на науката за мир и развој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top