САД го загубија своето право на глас во Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО) поради пропуштениот краен рок за плаќање на котизацијата.
Ова се случува две години откако Вашингтон престана со своите уплати во Oрганизацијата, во знак на протест поради приемот на „Палестина“ како нејзина членка. Според правилата на УНЕСКО, САД требаше до денес изутрина да го обноват плаќањето или да достават објаснување за своето доцнење.
– Ниту едно од двете нешта не се случи и тие автоматски со губат своето право на глас, изјави
претставник на УНЕСКО.
Загубата на правото на глас значи дека САД не можат да учествуваат во одлуките за финансирање на Организацијата.
Замрзнувањето на уплатите на САД, кои се во износ од 80 милиони долари годишно и претставуваат 22 проценти од целокупниот буџет на УНЕСКО, ја доведе Организацијата до работ на финансиска криза и ја принуди да ги ограничи американските иницијативи.
Палестинскиот постојан претставник во Организацијата, Елиас Санбар, изјави дека други земји веќе почнуваат да ја компензираат загубата на средствата од САД.
Генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, изрази жалење поради ситуацијата, при која не само што САД го изгубија правото на глас, туку и организаацијата „финансиски се става на колена“.
-За жал треба да кажам дека во овие последни две години гледам намалено американско влијание и американска ангажираност… Не можам да си замислам како може САД да се раздојат од УНЕСКО. Жалам што одлуката беше толку разединувачка и предизвика замрзнување на финансирањето истакна Бокова.
Таа нагласи дека ја прифаќа политичката реалност и ќе побара начин УНЕСКО да продолжи да работи и покрај скратениот Буџет за 2014 година, кој според проценките ќе биде помал за 150 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.