| четврток, 6 декември 2018 |

Министерката за култура се обрати на генералната конференција на УНЕСКО

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, како шеф на македонската делегација, синоќа во седиштето на УНЕСКО се обрати пред учесниците на 37. заседание на генералната конференција на УНЕСКО, која од 5 до 20 ноември се одржува во Париз, Република Франција.

Подвлекувајќи го значењето на УНЕСКО и авторитетот што го поседува, Канческа-Милевска потенцираше дека во Република Македонија УНЕСКО се препознава како организација која го оправда своето постоење токму со концентрацијата на политики и развојни цели од заеднички интерес.

– Горди сме на придонесот што го вложивме во промовирањето и имплементирањето на активностите и иницијативите на Организацијата како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво – рече министерката за култура и изрази надеж дека генералната конференција на УНЕСКО ќе овозможи поставување нови цели, кои во духот на заложбите на УНЕСКО ќе ја унапредат соработката и ќе ја стават во функција на потребите на граѓаните на нашите држави.

Пред високите претставници, претседатели на влади, шефови на држави, министри за надворешни работи и други функционери од 195 држави во светот, како и претставниците на повеќе од 50 меѓународни организации, Канческа-Милевска потенцираше дека Владата на Република Македонија, како држава-членка на УНЕСКО, обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и настојува да воспостави активна и конструктивна соработка со другите држави-членки на УНЕСКО.

– Во периодот меѓу двете генерални конференции на УНЕСКО, нашата земја реализираше низа активности кои ги збогатија нашите искуства во доменот на културата, образованието, информатичкото општество, животната средина и другите области, но реализиравме и проекти со кои се обидовме да дадеме свој влог во разрешувањето на проблемите со кои се соочува човештвото – нагласи Канческа-Милевска.

Министерката за култура, која воедно е и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, информирајќи за сите преземени иницијативи и проекти реализирани во соработка со УНЕСКО, истакна дека Република Македонија, како член на Извршниот одбор на УНЕСКО и во иднина доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, засилување на неговата меѓународна улога и унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки.

– Република Македонија е подготвена да го продолжи својот конструктивен придонес во исполнувањето на таа цел и токму затоа и во иднина ќе се залагаме за зачувување на мирот, продлабочување и развивање на демократските процеси во сите домени на општественото живеење, заштита и унапредување на човековите права и слободи, подобрување на животниот стандард, сестрана соработка со соседите, со Европа и со сите земји во светот – нагласи министерката за култура во своето обраќање во седиштето на УНЕСКО.

Во рамките на одржувањето на 37. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, Канческа-Милевска оствари официјална средба и со првиот човек на оваа меѓународна организација, Ирина Бокова, како и со повеќе високи функционери кои присуствуваа на конференцијата, меѓу кои и министрите за култура на Луксембург, Австрија, Латвија, Холандија, Словачка, Шпанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top