| четврток, 6 декември 2018 |

Почеток на преговорите и паралелно решавање на името

Nikola-poposki-3

Неодложно е потребно на Република Македонија да и се овозможи почеток на преговори и билатералниот спор да се решава паралелно со процесот на преговарање за членство во ЕУ бидејќи веќе повеќе години ги има исполнето потребните критериуми – вели министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој за МИА посочува дека ова е клучната порака од денешниот министерски состанок во Будимпешта на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан на која учествува и еврокомесарот за прширување Штефан Филе.

Централна тема на состанокот, на кој министерот Попоски учествува на покана на неговиот унгарски коилега Јанош Мартоњи, е евроинтеграцијата на земјите од Балканот – предизвиците на патот кон ЕУ, трансформативната моќ на евроинтеграцијата, како позитивно да се влијае на процесот на проширување во ЕУ итн.

– Имавме доста отворен дијалог со членките на Вишеградската група – Полска, Чешка, Словачка под унгарско претседателство. Нивната цел е да го поддржат процесот на проширување кој очигледно го нема нивото на ентузијазам, што го имаше при претходните проширувања бидејќи некои од клучните проблеми особено во економскиот дел ги преокупираат земјите-членки на ЕУ. Тоа што е значајно за нас е дека овие четири земји заедно со Австрија, која беше дел од овој состанок, се силни поддржувачи на овој процес, рече шефот на дипломатијата.

Тој потсети дека од страна на Европската комисија беше нагласено дека постојат очекувања по петтата најсилна препорака за почеток на преговорите конечно земјите-членки да дејствуваат и да и се овозможи на Република Македонија да ги почне преговорите, што е веќе прашање и на кредибилитетот на процесот за проширување.

– Тоа беше она што го нагласи Европската комисија и во извештајот и во текот на овие состаноци. Се разбира дека таа одлука е политичка и за неа е потребен консензус и од онаа земја-членка која во минатото не била поддржувач на отпочнувањето на овој процес, рече Попоски.

Според него, постои и ниво на резерва за тоа колку Грција е воопшто расположена да има конструктивна улога во еден таков процес и вели тоа што впрочем беше комуницирано од страна на нашиот јужен сосед во повеќе наврати оди во правец на тоа дека не би сакале да има никакво придвижување и дека би се потрудиле да нема никаков напредок во поглед на почеток на преговорите.

– За нас е важно да се фокусираме на сите оние реформи кои се значајни за граѓаните на Република Македонија. Во тој контекст веќе сме посветени со посебен фокус на сите реформи кои се дел од пристапниот дијалог на високо ниво, форма која што Европската комисија ја промовира за да и овозможи на Република Македонија  континуиран напредок и во услови на блокада од страна на Република Грција, истакна Попоски.

Тој оцени дека одржувањето на редовните есенски состаноци на министрите за надворешни работи на Вишеградската група во формат В4 и Западен Балкан, на кои учествува и комесарот за проширување на Европската комисија, како и Австрија и Турција се добра можност за неформални разговори меѓу колегите, а клучната порака била да се задржи ентузијазмот на процесот на проширување.

– Главната порака од овие средби и размена на информации со сите колеги е дека покрај нивото на замор од проширувањето и од економските предизвици со кои се соочени земјите во Европа тековно, потребно е да се задржи ентузијазмот на проширувањето и потребно е препораките на Европската комисија да бидат преточени во одлуки за секоја земја соодветно според постигнувањата, рече Попоски.

Шефот на македонската дипломатија во Будимпешта попладнево ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЦЕИ, во организација на Унгарското претседателство со оваа иницијатива, на тема „Мисијата на ЦЕИ во предвечерјето на 25 годишнината“.

– Унгарија воедно претседава и со Централноевропската иницијатива (ЦЕИ). Тука ќе имаме една поширока дискусија за регионалната соработка на сите земји кои опфаќаат од Бугарија до Украина преку Централноевропските земји. Ќе имаме, исто така можности за билатерални и неформални средби со повеќе колеги од земјите од регионот. Тука е вклучена и Италија како крупен регионален играч, така што во овој контекст најмногу ќе разговараме за тоа како може ЦЕИ да биде мост помеѓу европските интеграции и сите оние проекти кои се одвиваат, рече министерот Попоски.

ЦЕИ е меѓувладин форум за промоција на политичка, економска, културна и научна соработка меѓу земјите членки, со клучна мисија – регионалната соработка во процесот на евроинтеграциите. Република Македонија е членка на овој клуб од Централна и источна Европа, кој брои 18 земји, од 1993 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top