| четврток, 6 декември 2018 |

Брзината на движење и алкохолот виновници за смртта на петте момчиња кај Рампа

soobracajka-1

Автомобилот БМВ, со кој на 11 октомври годинава загинаа петмина другари од Скопје, се забил во подрумот на Пазарна инспекција пред Рампа со брзина од 218 километри на час, покажале првичните анализи на истражните органи, пишува Дневник.

Сепак тие се сомневаат дека луксузното возило се движело со уште поголема брзина неколку секунди претходно, кога минале по правиот пат на Јужен булевар, пред возачот да се обиде да закочи и да ја фати кривината што води кон Тутунски комбинат. Тоа значи дека брзината од 218 километри е последната регистрирана брзина на борд-компјутерот во БМВ-то во моментот кога удрило во подрумот.

Според информации на Дневник, точната брзина, проверката на возилото и други анализи ќе се вршат со таканаречено супервештачење. Најверојатно тоа ќе биде спроведено од сообраќајни експерти од автомобилската компанија во која е произведен автомобилот..

Во сообраќајната несреќа, која се случи утрото на 11 октомври, загинаа петмина другари на возраст од 27 и 28 години. Другарите биле излезени на ергенска вечер, а на враќање, околу 3 часот по полноќ, возилото се движело со голема брзина по Јужен булевар. Автомобилот заврши во подрумот од објектот, кој поради тоа што бил низок, го пресекол возилото во горниот дел.

Станува збор за една од најтешките сообраќајни несреќи што се случиле во Скопје последниве неколку години, но и во земјава воопшто.

Неофицијално, според информации на Дневник, истражните органи утврдиле присуство на алкохол во крвта на возачот, но информацијата не се соопштува официјално, ниту за колку промили алкохол станува збор.

Истражителите сметаат дека два фактора се клучни за несреќата – брзината и алкохолот. Сепак, додека не се направат сите неопходни анализи и вештачења, нема да се соопшти официјална информација за причините за несреќата.

Автомобилот во кој се возеле петтемина другари бил нов, со вредност од безмалку 40.000 евра. Вакво возило може за само неколку секунди да развие голема брзина. Експертите сметаат дека без разлика што трасата на Јужен булевар пред да дојдат до кривината пред Рампа е кратка сепак возможно е БМВ-то да достигнало и брзина од 250 километри на час пред да почне да забавува и пред да се случи несреќата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top