| четврток, 6 декември 2018 |

Руснок: Чешка нема проблем со нашето уставно име

Чешката Република долгорочно ги поддржува напорите на Македонија за влез во НАТО и ЕУ и нема проблем со уставното име. Оваа држава ќе го користи, свесна дека на меѓународно ниво има проблем во однос на употребата на уставното име – истакнал чешкиот премиер Јиржи Руснок на средбата со претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, кој е во посета на земјата.

И Вељановски и Руснок сметаат дека двете земји имаат добро развиени билатерални односи и оти има услови уште повеќе да се развиваат во економска насока.

– Чешка ги знае условите на Балканот, има добри односи со сите земји и е отворена за соработка и медијација за сите отворени прашања – потенцирал Руснок.

Во соопштението по средбата се истакнува дека расте трговската размена меѓу Македонија и Чешка при што интересот на чешките фирми за инвестирање во Македонија постојано расте. Чешките фирми биле особено заинтересирани за области на рударството и енергетиката, а можат да се вклучат во санација и изградба на пречистителни станици за вода за пиење и во изградба на системи за складирање на отпад.

Вељаноски во Прага ќе има работна вечера со потпретседателот на Сенатот, Премисл Соботка, и ќе се сретне со претставници на македонската зедница во Чешката Република.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top