| четврток, 6 декември 2018 |

Исповед на моделот Катерина Стојановска: Татко ми се уште ме тепа

(Фото: Фејсбук/katerinastojanovskanew)

Кога би имала многу пари прво би им помогнала на жените-жртви на семејно насилство и на децата без родители, вели моделот Катерина Стојановска (18) за „Вест“.

– Имав детство какво што не посакувам на ниедно дете. Растев во солзи, страв, глад. Татко ми нè малтретираше. Нè бркаше од дома. Живеевме во социјални станови, под кирија, кај роднини или на улица под ведро небо.Татко ми има и лош карактер и алкохоличар е. Бегавме од дома за да побегнеме од тепање и малтретирање. Со мајка ми и двете сестри просевме за парче леб, па целото детство ми помина во сонување за топол дом и храна – открива Катерина.

Таа вели дека длабоко во себе сè уште ги носи лузните од детството. Мајка ѝ се обидувала да се разведе од татко ѝ за да се спаси себеси и трите ќерки, но тој не ѝ дозволувал. Била принудена да го трпи малтретирањето. Тоа траело до пред четири години кога мајка ѝ се разболела од рак и починала. Сега Катерина со двете сестри живее со татко им.

katerina-stojanovska

– Кога мајка ми умре, ние останавме со татко ми. Постарата сестра сега има 22 години, а помалата 14. Додека мајка ми беше жива малтретирањето го пријавувавме во полиција, ама џабе, не ни обрнуваа многу внимание оти него го познаваа. Сега се однесува исто, ама веќе сме големи и кога ќе го видиме како доаѓа пијан, се затвораме по соби и се заклучуваме сè додека не се смири – раскажува Катерина.

Таа вели дека од животот не бара луксуз, туку да има за најосновните работи.

– Многу внимавам кога запознавам момчиња. Не сакам да бидам ни во близина на некој што е како татко ми. Мојот избраник нема да пие и ќе има разбирање за мене – вели Катерина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top