Царината и минатата недела имаше богат улов. Како и обично, на нашите гранични премини се шверцува сѐ и сешто. Најинтересен е еден македонски државјанин, кој цели 40 илјади евра ги напикал во чорапи.
На граничниот премин Табановце кај патник во патничко моторно возило пријавено за излез од државата царинските службеници пронајдоа 42.500 евра. Во возилото покрај возачот кој бил македонски државјанин патувало уште едно лице исто така македонски државјанин. При извршената контрола на лицата, кај совозачот сокриени под ногавиците, во чорапите, пронајдени се непријавени 42.500 евра за кои лицето не поседувало никаков документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење на патникот му се вратени 2000 евра, а привремено се задржани 40.500 евра.
– На граничниот премин Деве Баир кај возач на патничко моторно возило пријавено за излез од државата царинските службеници пронајдоа 7.500 евра. Со возилото управувал македонски државјанин кај кого при извршената контрола во неговиот паричник пронајдени се 7.500 евра за кои лицето не поседувало никаков документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење на патникот му се вратени 2000 евра, а привремено се задржани 5.500 евра.
– На граничниот премин Дојран во транзитна царинска постапка пријавени се детски чорапи и хулахопки од Турција, наменети за увозник од Полска, превезувани со камион со македонски регистарски ознаки. При контрола на пратката, пронајдени се 1200 пара детски хулахопки и 1224 детски чорапи, со ознака на заштитена трговска марка. Доколку производите би се продавале како оригинали вредноста во малопродажба би достигнала и до 24 илјади евра.
– Во царинска испостава Охрид, при извршена контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки управувано од македонски државјанин,натоварено со разна стока наменета за фирмата увозник од Тетово пронајдени се 370 парчиња облека (64 парчиња дуксери, 80 пара хеланки и 226 парчиња машка долна облека) сите со лого на заштитена трговска марка. Доколку би биле оригинални производи на заштитените трговски марки нивната вкупна вредност би изнесувала 171.800,00 денари.
– Во Царинска испостава Гевгелија мобилните тимови при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки натоварено со стока за фирма увозник од Струга пронајдоа 1.190 парчиња фазомери со лого на заштитена трговска марка за кои постои основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост чија вредност доколку се работи за оригинал би изнесувала 178.500,00 денари
– Во царински склад во Скопје мобилните тимови при контрола на товарно возило со турски регистарски таблички пронајдоа 1.557 делови за мобилни телефони и 41 женска чанта со лого на заштитени трговски марки. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Косово. Вредноста на стоката се проценува на околу 1,3 милиони денари, доколку би се продавала како оригинал
– На граничен премин Богородица при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица, биле пронајдени 720 капи со лого на заштитена трговска марка, чија вредност се проценува на околу 290 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.
Во сите случаи под сомнение дека стоката повредува права на интелектуална сопственост на заштитени брендови истата е привремено задржана и отпочната е постапка за утврдување на нејзината оригиналност, соглсно Законот за заштита на права од интелектуална сопственост.
Цигари
На граничен премин Деве Баир, во патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички управувано од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата пронајдени и запленети двеста кутии цигари 57 FILTER 100’S blue со македонски акцизни контролни маркици. Непријавената стока е пронајдена во плинска боца, специјално пререботена, во која била вметната и друга плинска боца наполнета со плин .
Стоката е привремено задржана, а против лицето е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршоци на Царинска управа.
Непријавена стока- семе за домати, маслиново масло, брави и друго
– Мобилните тимови во два одвоени случаи открија 92.956 парчиња алат за домаќинство и занаетчиски алат како и 130 сета брави со рачки за врати и 12 сета рачки за врати:
1. Во првиот случај на царинска испостава Гевгелија мобилните тимови при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки натоварено стока за фирма увозник од Струга, во товарниот дел на возилото покрај пријавената била пронајдена непријавена стока и тоа 92.956 парчиња алат за домаќинство и занаетчиски алат .
2. Во вториот случај на царинска испостава Скопје 1 мобилните тимови во товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки управувано од македонски државјанин, натоварено со стока за фирма увозник од Струмица покрај пријавената открија и непријавена стока и тоа 130 сета брави со рачки за врати и 12 сета рачки за врати.
– На граничниот премин Богородица во два одвоени случаи на влез во државата откриени се 270 литри непријавено маслиново масло и 21 парче цилиндри за лифтови.
1. Во првиот случај во патничко моторно возило со германски регистарски ознаки, управувано од турски државјанин на привремена работа во Германија, пронајдени се 270 литри непријавено маслиново масло, во 15 канти покриени со покривка во багажниот простор на возилото.
2. Во вториот случај во патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки управувано од бугарски државјанин со кој патувало уште едно лице исто така бугарин, пронајдени се 21 парче цилиндри за лифтови спакувани во кутија, во багажниот постор на возилото.
– На граничниот премин Ново Село на влез во земјата, царинските службеници во патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин придружуван од еден сопатник, во просторот во предната касета пред совозачкото седиште, помеѓу поголем број на документи пронајдоа 25 ќесички од по 10 грама семе за домати и уште 5 ќесички од 10 грама од истото доматно семе во левиот внатрешен џеб од јакната на сопатникот. Овој вид на стока при увоз подлежи на дозвола од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која патниците не ја поседувале а избегнати се и царински давачки.
– На граничен премин Табановце при контрола на автобус со македонски регистарски таблички со редовна линија Виена-Битола. пријавен за влез во државата, царинските службеници пронајдоа во птанички торби непријавена стока и тоа : 1 хилта со две бургии, 950 парчиња ракавици за чистење на лице и 160 парчиња за паста за заби
– На граничен премин Ќафасан запленети се 1.396 резервни делови за кафемати (дозери, пумпи, вентили, филтри, термопрекинувачи, црева, гумички, метални шајбни, метални осигурувачи и др.) и 3,4 килограми средства за чистење на кафемати, откриени на при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, со кое за влез во државата се пријавиле тројца македонски државјани. Непријавената стока пронајдена е во багажниот простор и во просторот за резевна гума на возилото.
– На царинската испостава Делчево-патнички промет откриени се 1 гасен пиштол, со рамка со 9 гасни куршуми, и 1 нож, , при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за излез од државата. Пиштолот бил сокриен под седиштето на возачот, а ножот бил пронајден во фабрички џеб од левата врата на возилото.
Во сите случаи непријавената стока привремено е задржана а против сторителите покренати се прекршочни постапки согласно Царински закон.
Царинска измама
– При контрола на фирма имател на одобрение за увоз за облагородување со седиште во Куманово од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Куманово откриени се 96 пара женски обувки. Стоката е откриена во простории надвор од магацинот каде би требало да се чуваат готовите производи, целокупно пронајдената стока е со непознат царински статус. Женските обувки се со исти обележја кои во целост се совпаѓаат со производи наменти за извоз – лон производство. Побарана е документација за статусот на стоката која е пронајдена, но од страна на имателот на одобрение не е доставена истата. Стоката со царинската вредност во износ од 145.658,00 денари и избегнати давачки од 69.187,55 денари е привремено задржана, а против сторителот е покрената прекршочна постапка согласно царински закон.
– На царинската испостава Скопје 2 откриени се два обиди за избегнување плаќање царински давачки со погрешно тарифирање на стока
1. Во првиот случај фирма увозник од Скопје, пријавила за увозно царинење полиетиленска фолија во количина од 5500кгм, декларирано во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%.
При детален преглед на стоката, Царинските службеници утврдија дека не е правилно распоредена според царинската тарифа,т.е. дека се работи за материја за бојосување-мастербач, со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%.
Врз основа на новоутврдената состојба, пресметани се дополнителни давачки во износ од околу 137 276,оо денари, а против увозникот ќе биде поведена и прекршочна постапка.
2. Во вториот случај исто така фирма увозник од Скопје, пријавила за увозно царинење женски получизми и детски получизми, во количина од 6272 пара декларирано во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 20% и стапка за ДДВ од 18%.
При детален преглед на стоката, Царинските службеници утврдија дека не е правилно распоредена според царинската тарифа, т.е. дека стоката се распоредува со пропишани стапка за царински давачки од 25% и стапка за ДДВ од 18%.
Врз основа на новоутврдената состојба, пресметани се дополнителни давачки во износ од околу 59.719,00 денари, а против увозникот ќе биде поведена и прекршочна постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.