| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија заработилa 600.000 евра од извозот на мед

pceli

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, денеска ја отвори традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“, која се одржува во Битола.

Според податоците на Министерството, во земјава има околу 4.400 пчеларници со повеќе од 183 илјади пчелни семејства, кои до август минатата година обезбедиле 600 илјади евра од извоз на мед.

– Продолжува поддршката на Владата за производителите кои имаат над 35 пчелни семејства, а следната година за поддршка на македонските пчелари во буџетот се планирани околу два милиона евра. Исто така, од ИПАРД-програмата може да се обезбедат финансиски средства со враќање во висина од 50 отсто за осовременување на земјоделските стопанства, набавка на соодветна опрема за подобрување на квалитетот, пакување и етикитирање, со што ќе се овозможи македонскиот мед да биде присутен на македонскиот и европскиот пазар – изјави Коњановски.

Zoran_Konjanovski

Коњановски смета дека квалитетот и квантитетот на произведениот мед зависи од повеќе услови, но, секако, најголемиот фактор се временските услови и појавата на пчелни болести.

– Свесни сме за оваа ситуација и сакаме да го подобриме системот за давање на советодавни услуги. До крајот на оваа година ќе биде донесен новиот Закон за советодавни услуги во кој ќе биде вклучена Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Тоа се совпаѓа и со европските регулативи и затоа сметам дека овој потег е правилен бидејќи им овозможува на сите земјоделци да бидат поуспешни во сузбивањето на болести кои се појавуваат, истакна Коњановски.

Општина Битола и годинава ја поддржа манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“.

– Со ваквите манифестации и со нивна популаризација ќе придонесеме секое семејство да користи поголеми количини здрава храна, односно мед кој е добар за децата, спортистите и другите граѓани, истакна градоначалникот Владимир Талески.

Презентацијата на мед и производи од мед се одржува на битолскиот плоштад „Магнолија“, а предвидено е да се одржат трибини посветени на предностите и проблемите со кои се соочуваат македонските пчелари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top