Според универзитетскиот професор Томе Неновски, првиот ограничувачки фактор е што станува збор за мерка за линеарно намалување, што би значело 15 проценти од ДДВ да добијат сите граѓани, без оглед на тоа кој колку и каде купувал.
– Сите влегуваат во тој круг, со оглед на тоа што треба да се има предвид дека посиромашните слоеви на населението купуваат елементарни намирници за секојдневни животни егзистенцијални потреби, а побогатиот слој, освен вообичаените работи, купува и трајни потрошни добра од типот на скапи станови, автомобили, телевизори, телефони, сѐ што има висока вредност, и со самото тоа висината на ДДВ на тие производи е повисока. Ако се враќаат тие 15 проценти, тоа би значело висок износ и таа класа би имала поголем ќар, повеќе пари ќе се вратат кај нив и индиректно ќе се зголемат социјалните разлики – вели Неновски.
Најмногу ќе загубат малиот бизнис, локални дуќани и мини-маркети. Штета ќе трпат малите субјекти што се фискализирани, а не се обврзници за ДДВ. Зелените пазари ќе загубат од прометот бидејќи на тезгите не се издаваат фискални сметки. Тоа, практично, значи дека граѓаните ќе се ориентираат кон големите маркети за да можат да извршат поврат на ДДВ. Во таков случај, трговците-поединци и продавачите на зелените пазари ќе пропаднат и ќе се соочат со проблемот на сопствената егзистенција.
Мерката би донела проблеми за целата економија
Објаснувајќи ги ограничувачките фактори, Неновски нагласува дека доколку се спроведе мерката, буџетот би бил во сериозна криза, што би значело можно зголемување на други даноци или царини или, пак, задолжување на државата, кое, сепак, на крај ќе биде на товар на граѓаните.
– Мерката, очигледно, е предложена за да се подобри социјалната слика на одредена група на населението на Р. Македонија, но ценам дека не е анализирана од сите посебни аспекти, има особено ограничувачки фактори, кои ќе се појават при нивната евентуална реализација, а може уште сега да се согледаат и даваат некаква вредност на неисполнителност и на неспроведливост на мерката – објаснува Неновски.
Според него, административно и технички мерката е тешко остварлива.
Анализите покажуваат дека ваква мерка директно ќе влијае на буџетот. Ќе има одлевање или намалување на приходната страна. Даночниот систем, кој досега функционира без проблеми, ќе биде подложен на промени, а дополнителен проблем е како ќе се компензира минусот во државната каса.
Колку се собира од ДДВ
Вкупните приходи во буџетот годинава се проектирани на 148 милијарди денари, од кои даночни се 126 милијарди денари. Само од ДДВ, државата треба да наплати 45 милијарди денари или месечно, во просек, 3,5 милијарди денари.
Дури 60 проценти од приходите што се собираат по основа на ДДВ доаѓаат од големите компании (железарници, фабрики, рудници) и тие немаат никаков контакт со граѓанинот како краен потрошувач, што значи дека 60 проценти од приходите што се собираат по основа на ДДВ од почеток се исклучуваат од оваа мерка.
Деведесет проценти од субјектите со кои граѓанинот е во однос на краен потрошувач (колонијали, фризерски салони, кафулиња, сервиси за миење автомобили, козметички салони, трафики и друга малопродажба) не се обврзници по основа на ДДВ и затоа оваа предложена мерка е сосема неприменлива – велат некои од аналитичарите.
Партиски расправии
Опозициската СДСМ деновиве на прес-конференции континуирано уверува дека доколку на граѓаните им се вратат 15 проценти од ДДВ ќе се вратела средната класа во земјава. Според лидерот на партијата, Зоран Заев, на граѓаните ќе им бидат вратени осум милијарди денари годишно, а на секое семејство што има фискални сметки меѓу 20.000 и 30.000 денари годишно. Со оваа мерка, смета Заев, граѓаните би ја имале улогата на „даночни инспектори“, со што ќе се избегне криењето данок.
Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, пак, мерката ја оцени како погрешна и рекламна измама на опозицијата.
– Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, очигледно, не можат да се договорат на што се однесува оваа мерка. Имаат комбинација во изјавите. Зоран Заев вели дека секој граѓанин ќе добивал поврат на ДДВ во висина меѓу 20.000 и 30.000 денари, а Ванчо Узунов вели дека не секој граѓанин, туку секое семејство ќе добива поврат на ДДВ меѓу 20.000 и 30.000 денари – истакна Димовски.
Нема сериозна држава што враќа ДДВ
– Нема сериозна држава, членка на ЕУ, која има ваков механизам, каде што на граѓаните им се враќа дел од ДДВ. Дури и земји што ги зголемија стапките не воведуваат вакви мерки. Имаше обид во Турција, која по шест месеци и поразителните ефекти врз економијата, ја укина мерката – изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Опозицијата да креира сериозни мерки
Опозицијата во демократските системи секогаш се труди да биде покреативна и поиновативна од власта – коментираат политичките аналитичари. Професорката на Правниот факултет Татјана Каракамишева вели дека предност на опозицијата е времето што го има на располагање за анализа на владините мерки, во поголемата слобода и можност за нивна критика, но и во растовареноста од притисокот на граѓаните, кој е секогаш посилен врз власта.
– Во нашата опозиција е очигледна безидејноста, некреативноста и, тоа што посебно загрижува, немањето доволен иновативен капацитет да се излезе пред граѓаните со нешто оригинално, со нешто свое, квалитетно, по што ќе бидат препознатливи пред електоратот. Место тоа, опозицијата на неколку месеци пред избори излегува со мерка што и на обичен економски лаик му е неиздржана и прилично тенка. Разочарувачки е фактот дека со вакви мерки сакаат да ја освојат власта и да креираат јавна политика во системот – смета Каракамишева.
Според стручната јавност, Заев, очигледно, под притисок на јавноста излезе со првиот дел од економската програма и со предлагање мерка што е неодржлива и, очигледно, направена без анализа и процена.Ова, според нив, ја отвора и дилемата дали Зоран Заев има капацитет да се соочува со крупна државна политика, со предизвици и со сериозни анализи и предлози. (Б.В.Т.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ветено, неисполнето: Граѓаните ќе ги добиваат парите од повратот на ДДВ, ама догодина
-
Универзитетските професори реагираат за воведувањето ДДВ обврска за физичките лица (видео)
-
Јовановиќ: И физичките лица ќе мора да плаќаат ДДВ
-
Потфрли наплатата на ДДВ: Ова е знак дека опаѓа довербата во државата и економските политики