| четврток, 6 декември 2018 |

Автопатиштата Скопје-Штип и Кичево-Охрид ќе ги гради кинеска фирма

gorge ivanov kina

фото: МИА

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на првиот ден од посетата на Пекинг имаше средби со раководствата на три кинески компании, заинтересирани за економска соработка со Македонија. Станува збор за „Чајна стејт констракш инџинерениг“, најголема градежна компанија во Кина, петта по големина во државата, а десетта во светот, „Сајнохидро корпорешјн“, која ќе ги гради автопатиштата Скопје – Штип и Кичево – Охрид и нафтената компанија „Сесаи џилајла петро кемикал еквипмент“.

Политичкиот дел, односно средбата со неговиот домаќин, кинескиот претседател Си Ѓинпинг е закажана за утре.
Раководството на државната градежна компанија, која е вклучена во проектот за вложување 10 милијарди долари за патишта во земјите од Централно европската иницијатива, го информира претседателот Иванов за нивниот интерес за инвестирање и во Република Македонија.

gorge ivanov kina1
За таа цел специјален тим на компанијата веќе е во нашата држава и ги разгледува можностите за инфраструктурни проекти.
Иванов изрази задоволство од интересот и притоа ги информираше за можностите што ги нудат слободните економски зони и напорите што ги прави Владата за подобар инвестициски амбиент. Стана збор и за проектот Јадранско-Јонска магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8 и 10.
Претседателот на компанијата „Синохѕдро“ го информираше шефот на македонската држава дека сите подготовки за потпишување на договорите со Република Македонија за изградба на автопатиштата Скопје-Штип и Кичево-Охрид од нивна страна се завршени и се чека одобрувањето од македонскиот парламент, по што почнува реализацијата на проектот.
Иванов изрази задоволство што Македонија веројатно ќе биде прва од државите од ЦЕИ што ќе потпише конкретен договор од проектот „10 милијарди долари“.
Претставниците на „Сесаи џилајла петро кемикал еквипмент“ го известија претседателот Иванов дека се заинтересирани за инвестирање во слободните економски зони во Македонија за производство на пумпи за бензински и за електронски автоделови.
На средбите со раководствата на кинеските компании претседателот Иванов беше придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.
Преку проектот „Инвестирајте во Македонија“ и приватни кинески бизнисмени ги учат поволностите за влез во државата. Фред Чанг, кој има своја консултантска фирма и соработува со Европа, планира да инвестира во Македонија.
Во изјава за македонските новинари рече дека иако пазарот е мал, сепак Македонија се наоѓа на добра позиција во однос на поставеноста кон Европската унија.
– Доколку кој било инвестира во Македонија ќе биде во можност да се фокусира и кон целиот европски пазар. Затоа, Македонија не е мала, што претставува добра база за натамошен продор, истакна Чанг.
Тој смета дека Кина би била добар пазар за македонското вино, но и за органски произведените земјоделски производи, но и дека во Македонија може да се произведува млеко во прав, што би бил исплатлив бизнис за Кина. Чанг како интересни сектори за инвестирање во Македонија ги издвојува земјоделството и енергетиката и тоа производство на алтернативна енергија, преку соларни колектори и ветерници.
Инаку, Кина е земја со најбрз економски пораст, веќе го презеде второто место на листата најразвиени од Јапонија, а според предвидувањата со континуиран пораст може набргу да ги достигне и САД.
Според програмата, претседателот Иванов утре, освен средбата со неговиот домаќин Ѓинпинг Си, ќе има обраќање на свечениот прием по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кој ќе се одржи во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји.
По Пекинг, шефот на македонската држава заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде што ќе присуствува на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина“, кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на централната Влада.
На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top