| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Апсењата се реваншизам за постигнатиот договор за Комисијата

Zaev-2

– Ми апсат луѓе директно и целото тоа не го подобрува амбиентот за дебата, за дијалог.. Но и покрај сѐ останувам непоправлив оптимист да верувам дека за националните прашања, прашања од интерес треба да дебатираме, да разговараме, да направиме напори сите заедно за застанеме за државата да ни успее, вели во интервју за Радио Слободна Европа Зоран Заев, лидерот на СДСМ.

Тој се сомнева дека апсењата се на некој начин реваншизам за постигнатиот договор за Комисијата. Сепак, како што најави, бојкотот на Парламентот, е последната мерка која би ја користеле:

-Не верувам дека треба веднаш да се посегне по најкрајните мерки, а тоа се протести, напуштање, бојкоти, отпори, и тие се оставени на располагање како кај секоја опозиција, така и кај нас, но прво треба да направиме напори со сите демократски средства коишто ги имаме на располагање.

Заев повторно нагласи дека „СДСМ нема да дозволи да улета и легитимира уште едни криминални и нелегитимни избори, не фер и недемократски избори“. Тој запраша дали било фер на два дена пред избори да се дадат 55 милиони евра субвенции два дена пред изборниот ден, 12 милиони евра да се пуштат на медиумите на два дена пред изборниот ден?

-Сите директори на социјални грижи со списоци во раце да трчаат по најкревките, најраниви категории, тоа се социјалните случаи кои што живеат со тие пари и да им се закануваат директно. Полицијата да биде прва партиска војска на власта. Тоа не се фер шанси. Јас сакам како претседател на СДСМ да знам дека секој граѓанин кој што донел одлука да гласа за СДСМ кога ќе дојде денот за гласање да гласа за СДСМ, а не да биде запашен, уценет буквално душичката да му биде земена од страна на власта, тоа не е во ред – вели Заев.

Заев на прашањето дали предлогот Горна Македонија е прифатлив за Македонија и за откочување на евроинтеграциите вели дека не сака да лицитира со предлози:

-Ниту знам дали е тоа предлог, ниту некој го соопштил. Јас мислам дека за нашето име не може да се зборува вака, Горна, Северна или што било. Јас сум Македонец, јас ги имам истите корени како секој Македонец, моето семејство има намера да опстојува како Македонци во оваа земја и нема да дозволам ни повеќе ни помалку од кој било свесен, трезвен, родољубив Македонец да се отстапи од нашите позиции.

Затоа лицитирањето со вакви предлози за мене е апсолутно неприфатливо и кога некои наши поддржувачи или поединци го споменуваат ова прашање, тоа не е став на СДСМ. Нашиот став по основ на ова прашање секогаш јасно го кажуваме, дали тоа било прифатливо или не, име вакво, Горна, Северна или слично за Република Македонија, не, за нас е неприфатливо, вели Заев во интервју за Слободна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top