Најголемата македонска филмска надеж е пред премиера. Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ ќе почне со новото филмско остварување на режисерот Дарко Митревски, „Трето полувреме“. Иако сè уште не е прикажан на големото платно, овој филм крена огромна врева. По четириесет дена снимање во Охрид, Битола, Свети Николе, Штип и во Хавзипашините конаци во Бардовци, Митревски изјави дека се чувствува како да истрачал маратон. Еве што изјавува една година подоцна, само неколку дена пред премиерата на филмот во кој во главните улоги се појавуваат познатата македонска моделка Катарина Ивановска и актерот Сашко Коцев.
Една година по почетокот на снимањето на филмот „Трето полувреме“, во исчекување сме на неговата премиера. Изборот е филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Зошто токму на овој фестивал и какви се Вашите очекувања во однос на реакцијата на публиката и мислењето на филмските критичари?
Митревски: Овој филм премиерата треба да си ја има на домашен терен затоа што во моментов таму е најголемиот интерес за него. Македонската држава одвои пари за ова, македонски актери и филмски работници учествуваа во изработката на овој проект, Македонија беше нападната поради овој филм – редно е македонската јавност да биде првата што ќе има можност да го погледне филмот. А, што се однесува до очекувањата: очекувам да се случи токму тоа што ќе се случи. Доколку го прочитате ова интервју еден месец по неговото објавување, ќе ме разберете за што зборувам.
Уште недосниман филмот, почнаа реакциите од источниот сосед: „Провокација од македонската влада“, „Филм за омразата кон Бугарите“, „Уште еден фалсификат врз кој се гради македонскиот идентитет“, ова се само дел од епитетите што ги доби „Трето полувреме“. Дали сметате дека токму ваквиот напад од Бугарија за евентуално фалсификување на историјата, на некој начин, направи светска промоција на филмот?
Митревски: Не. Луѓето што не живеат на овие балкански простори, главно, се зачудени од ваквите реакции, пред сè бидејќи нивната жестина не допира до нив, а нивната логика им е неразбирлива. Кога на мојот агент и на мојот адвокат во Лос Анџелес им зборувам за нападите што доаѓаат од Бугарија, тие збунето кимаат со глава, а потоа ги проверуваат и ги споредуваат податоците изнесени во „Трето полувреме“ со податоците што во секое време можат да се најдат на веб-страницата на Музејот на холокаустот во Вашингтон. И таму ги наоѓаат идентичните информации, составени на ист начин: дека Царството Бугарија во текот на Втората светска војна било член на силите на оската, дека ја окупирало Македонија и дека нивните војска и полиција испратиле 7.200 луѓе во сигурна смрт. Тоа не сум го измислил јас, тоа го пишува таму со години. И, се разбира, за секој Американец и Европеец е неверојатно како е можно некој толку тврдоглаво да негира нешто што е општо познато и лесно достапно.
Сведоштвото на Нета Коен покажува кој ја фалсификува историјата. Нејзината приказна сте ја слушнале пред 12 години, колку што е и стара идејата за овој филм. Дали ѝ кажавте тогаш на Нета дека нејзината приказна ќе ја преточите во епска филмска приказна?
Митревски: Тогаш не ни знаев дека од тоа еден ден ќе настане филм, само имав магливо чувство дека од исповедта што ми ја раскажа таа жена треба да направам нешто, да напишам или да снимам нешто, што било, макар краток документарен филм, кој би ја сочувал таа трагична приказна од заборав… Не можев ни да претпоставам дека наредните 12 години ќе ги посветам на тоа. Тие 12 години за мене беа не само борба да се сними овој, за наши услови, исклучително компликуван филмски проект, туку и некаква лична обврска да ги раскажам приказните на луѓето што веќе ги нема.
Филмот беше прикажан пред странските дипломати во земјава. Бугарскиот амбасадор не дојде, чешкиот амбасадор остана само за да го види филмот, а веќе следниот ден си замина. Како реагираа амбасадорите на Вашиот најнов филм?
Митревски: На проекцијата организирана од страна на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (кој е еден од финансиерите на филмот), дојдоа сите поканети амбасадори, освен бугарскиот. И сите реагираа исклучително позитивно, еден добар дел од нив дојде и лично да ми честита, дури некои од нив меѓу редови искажаа и љубопитност како ќе се извадат бугарските европарламентарци од оваа каша, која сами си ја замесија. Според тоа што го видов и слушнав, мислам дека бугарската ревизионистичка политика ќе биде многу осамена во битката што ја почна против овој филм.

Ќе одите ли на форумот што се организира во Софија на почетокот на октомври на тема „Бугарската улога во прогонот на Евреите од Македонија и од Тракија“? И форумот и јавната кампања се иницирани од Вашиот филм.
Митревски: Не, нема да одам. Тоа веќе им го соопштив на организаторите на тој форум. Не затоа што темата не ме засега, туку затоа што сметам дека една затворена проекција на која ќе се соберат истомисленици нема ништо да смени во бугарско-македонските односи, ниту, пак, во односот на бугарското општество кон оваа тема. Доколку Бугарија е слободна земја, ќе дозволи овој филм да има широка дистрибуција во нејзините киносали, ќе дозволи секој заинтересиран гледач да може да го види филмот и да си оформи свое мислење, ќе дозволи отворање јавна дискусија. Доколку се случи тоа, јас задолжително ќе одам на премиерата. Но, доколку тоа биде спречено, тогаш Бугарија не е слободна земја – така што јас нема што да барам таму.
Зошто се крена толку прав во Бугарија за филмот? Бевте ли свесен дека филмот може да предизвика вакви тензии? Знаевте ли дека во Бугарија со децении прогонот на Евреите е табу-тема со која имаат проблем не само припадниците на еврејската заедница, туку и невладините организации? Хелсиншкиот комитет за човекови права се соочува со сериозни притисоци да го стави ова прашање под тепих…
Митревски: А, дали вие знаете за некоја друга земја во Европа во која одговорноста за холокаустот е криена цели седум децении? И дали знаете која било друга земја, членка на Европската унија, во која цела една државно-безбедносно-пропагандна машинерија се вклучува во организирана хајка против еден филм што проговорува на таа тема?
Нета Коен: Бугарите стражареа, Бугарите собираа
Нета Коен била ќерка на Аврам Коен, угледен Евреин од скопската висока средна класа, но избегала од дома и се омажила со фудбалер-христијанин, што и ја спасило од концентрациските логори.
„Кога ги собраа нашите, јас се криев. Имав добри комшии и никој не ме кажа… Децата што играа надвор ги прашуваа бугарски војници… Бугарите ги земаа. Бугариве беа заедно со Хитлер. Со Немците. И Бугарите дојдоа… Бугари стражареа, Бугари собираа, Бугарите со куќите располагаа, Бугарите сѐ. Бугарски војници прашуваат – ’Има ли тука Евреи?‘, викаат – ’Нема‘, макар што сите ме знаеја. Но, никој не ме предаде“ – вели Коен во интервјуто на Фондацијата Шоа.
Ве обвинуваат дека сте дел од организирана хајка против бугарската историја и дека, всушност, филмот има друга намера, освен да оди на фестивали и да се кандидира за „Оскар“.
Митревски: Се разбира дека со филмот имаме друга намера: имаме намера да оди во редовна кинодистрибуција по странски пазари, имаме намера да го издадеме на дивиди и на блуреј на странски територии, имаме намера да се емитува по странски телевизии… Но, како што гледате, ниту една од тие намери не ја засега бугарската историја. Бугарското минато нема никаква врска со иднината на овој филм.
Владимир Перев, активист за правата на Бугарите во Македонија, во еден свој извештај за бугарските медиуми деновиве мртов-ладен филмот го објасни со Вашата семејна поврзаност со Србија. Имате ли одговор на овие небулози и директно вербално насилство?
Митревски: Гледате на кое ниво се има спуштено таа пропагандна машинерија за која зборував? На нивото на Владимир Перев, михајловистичкиот Џемс Бонд од „Њ“ категорија! Кутра и бедна е таа државна безбедност, која во недостиг од аргументи и од факти мора да ангажира една гадинка од типот на Владимир Перев, кој ќе ги пребројува крвните зрнца на мојата мајка. Што е следното? Ќе ги пребројуваме мајмуните од моето семејно стебло? Или, пак, филоксерите од неговото? Јас во нивните напади бев прогласуван за комунист, сталинист, удбаш, македонист, југофил, србоман, полусрбин, јудео-масон… ама ниту еднаш не ме именуваа како Македонец. Токму тоа ги боли: што овој филм го потпишува македонски режисер, кој по етничка припадност се чувствува и се изјаснува како Македонец. А, за таквите како Владимир Перев, историчарите Спас Ташев, Пламен Павлов и Божидар Димитров, политичарите Красимир Каракачанов, Евгениј Кирилов, Андреј Ковачев, Станимир Илчев и сличните на нив – не постојат Македонци. Ние за нив сме Бугари со говорна мана, луѓе од понизок ред, најобични одроди. И еден таков одрод да направи филм што толку многу ќе им го загорчи животот? Стопати подраго и поприфатливо ќе им беше доколку, навистина, бев Србин, Југословен, Рус или, макар, Евреин.
Полесно ли Ви е кога знаете дека, пред сè, во фактографска смисла зад себе ги имате организациите на Евреите од целиот свет, македонските историчари, музеите на холокаустот во Вашингтон и „Вад Јашем“ во Израел?
Митревски: Овие организации ги немам зад себе јас, туку вистината. И морам да повторам уште нешто: таа вистина не е спорна, таа вистина е позната и прифатена како официјална во сите научни кругови во светот – освен во Бугарија. Еве, ако не е така, тогаш објаснете ми зошто ниту една бугарска телевизија не го пушти на својата програма интервјуто на Нета Коен? Внимавајте, изминатава година тие на овој (досега негледан) филм му посветија десетици часови програма. Па, како е тогаш можно сега, кога го пласираме клучниот аргумент, личната исповед на жената врз чијашто приказна е базиран овој филм, тоа да биде целосно игнорирано од нивна страна? Значи, целата таа медиумска кампања служеше не за да се разјаснат фактите на кои е базиран филмот, туку за да се направи сè тој филм никогаш да не се појави, а тие факти никогаш да не се дознаат. И да нема забуна: не да не се дознаат во Македонија, туку да не ги дознае бугарската јавност.
Се плашите ли од одење во Софија во оваа зовриена атмосфера? Не сакам да Ве поврзувам со случајот на холандскиот режисер Тео ван Гог, кој беше убиен од незадоволни гледачи на неговиот филм, но паралелата се наметнува сама по себе.
Митревски: Јас веќе 20 години се плашам да одам во Софија. Ама не поради овој филм, туку затоа што Бугарија има многу корумпирана царинска служба и многу лоши патишта. Да не беше така, секој втор викенд ќе си бев во Софија, тоа е суперзабавен град!
„Република“ веќе објави дека секој што ќе го гледа „Трето полувреме“ треба да се подготви за силни емоции. На затворената проекција во Музејот на холокаустот имало многу расплакани лица. Што треба да знаат за филмот гледачите пред почеток на проекцијата?
Митревски: Искрено, мене ми е многу побитно што ќе знаат и што ќе чувствуваат по проекцијата.
„Ми се закануваат. И што сега?“
Еве и едно директно прашање: имате ли закани од Бугарија? Пред да одговорите, добро размислете затоа што „Република“ веќе има сериозни индиции дека од страна на одредени радикални структури до Вас дошле закани.
Митревски:До мене доаѓаат закани веќе една година. Едни ми пишуваат пораки дека ќе ме убијат, други ми праќаат пораки на „Фејсбук“ дека ќе ми го ликвидираат семејството, нивните радикални организации се закануваат дека ќе организираат насилни протести доколку филмот биде прикажан во Бугарија… И што сега? Ништо, се разбира. Секое чудо за три дена. А, дури и да не е така, дури и да бидам физички нападнат – што тогаш? Пак ништо! Филмот ќе си врви, џукелите ќе си лаат. Таа немоќ ги прави многу нервозни. И колку што се понервозни, сè погласно лаат. Ама куче што лае, не каса.
Потпишани сте зад двата најгледани филмски и телевизиски проекта во историјата на Македонија, „Бал-кан-кан“ и „Досие Скопје“. Што очекувате од „Трето полувреме“ во поглед на гледаноста?
Митревски: На домашен терен очекувам да ја надмине рекордната кинопосетеност од 120.000 киногледачи и од 20.000 продадени легални дивиди-копии, која ја оствари „Бал-кан-кан“. На странски терен очекувам многу повеќе.
Каде ќе се емитува филмот кога знаеме дека во земјава нема повеќе од пет-шест регуларни киносали? На Широк сокак дошло до сериозни филмско-политички коалиции и притисоци за да се дојде до карта повеќе за филмот. Како ќе го видат филмот девојките, чијшто идол е Катарина Ивановска, децата, чиишто идоли се фудбалерите и Сашко Коцев, а кои живеат, на пример, во општина Жупа или во Долно Дупени, Ресенско, каде што никогаш немало услови за кинопроекции?
Митревски: Така што предлагам градоначалниците, градските одбори и самите жители на општина Жупа или, пак, на Долно Дупени да се организираат, да најдат некоја училишна или општинска или фискултурна сала или, пак, дискотека во која ќе можат да се соберат минимум 200 луѓе, а ние ќе донесеме кинопроектор, платно и озвучување. Ветувам дека ќе одиме секаде каде што ќе бидеме поканети и каде што луѓето ќе сакаат да го видат овој филм. Си се заколнав дека залудно е овој проект да биде успешен ако не го видат тие на кои идејата за успех им е најпотребна – девојчињата и момчињата од зафрлената македонска провинција, тие што сметаат дека нив и Бог заборавил. Е па дури и Бог да ги заборавил, ние нема да ги заборавиме! „Трето полувреме“ ќе се прикаже секаде каде што ќе има публика што ќе сака да го види.

„Трето полувреме“ ќе се бори за влез меѓу петте номинирани филмови за „Оскар“ за странски филм. Очекувате ли Вашиот филм да се најде меѓу номинираните за „Оскар“ во 2013 година?
Митревски: Во таа трка никој ништо не може да ти гарантира, па макар лично Мартин Скорсезе да ти е татко, а Анџелина Џоли мајка! Таму се вмешани разни фактори, но најмногу од сè човечкиот фактор бидејќи не заборавајте дека членовите на Американската академија, сепак, се обични луѓе од крв и од месо, кои гласаат за филмови што им се допаѓаат. Ние имаме ангажирано етаблирана холивудска компанија за односи со јавноста, која ќе нè застапува, а нивниот тим веќе има неколку награди „Оскар“ и номинации во своето портфолио. Сега ни се потребни многу среќа и многу пари бидејќи тој тим не работи за кикиритки. Но, како и да е, во едно сум сигурен, тамошната промоција ќе биде бучна, а „Трето полувреме“ ќе го видат многумина и на западниот и на источниот брег.
Во кој жанр би го ставиле: трагедија, комедија, трилер?
Митревски: Љубовна приказна, инспирирана од вистински настани.
Филмот на површина исфрли огромен потенцијал на една фотомоделка од светски ранг Катарина Ивановска, ја бетонира позицијата на Сашко Коцев како водечки актер во моментов во земјава, ги поврза легендите Раде Шербеџија, Мето Јовановски,… го донесе за првпат на Балканот еден од врвните германски актери Рихард Замел и сето тоа визуализирано од еден од најталентираните холивудски сниматели. Очекувавте ли ваква хемија на почетокот на филмот.
Митревски: Со Раде се дружевме во Лос Анџелес, Рихард ни го препорача копродуцентот Јазаџиски, продуцентот Роберт Насков ја знае Катарина уште од дете и ја предложи за улогата… Како што гледате, ништо тука не било однапред планирано, секој си инвестирал по нешто во заедничкото дело. Правењето филм е една голема колективна авантура – заедно со својот тим влегуваш во една голема река и пливате сè додека не испливате на другата страна. Те носи речната струја, те касаат пирани, те влечат вирови, те удираат речни бродови… А, кога ќе препливаш, сите од тебе очекуваат да бидеш свеж и победнички горд, иако ти си на работ на силите. Можеби токму затоа „Исправи се Делфина“ е мојот омилен филмски наслов.
Како се чувствувате како уметник што работи на проект од национален интерес. Кој дел во националното е најважен за Вас: естетскиот и маркетиншкиот од кој може да има корист државата во светот, историскиот – затоа што ќе се разјаснат историските околности во кои од македонска територија беа избришани Евреите, кои овде живееја со векови, спортскиот – затоа што ова е првиот филм што зборува за македонскиот спорт во далечно минато или, можеби, емотивниот затоа што ова е еден од нашите ретки „големи“ филмови, кои покрај политика и спорт, детално раскажуваат љубовна приказна?
Митревски: Мислам дека кај нас тој термин „национален интерес“ не е доволно разјаснет, па тој израз во некои бугарски медиум беше намерно злоупотребуван и погрешно идентификуван со нешто во што тие гледаат политички интерес. Значи, да појаснам: секој филм што е финансиран од Филмскиот фонд на Македонија е проект од национален интерес бидејќи користи средства од Буџетот на Република Македонија. Тоа е утврдено со Законот за Филмски фонд. Филмско дело од национален интерес воопшто не мора да има политичка или историска заднина. Филм од национален интерес е и тој што ја прикажува убавината на една земја или, пак, се занимава со нејзината традиција, или, пак, се занимава со разни актуелни теми од нејзиното современо живеење. На крајот на краиштата, таквиот филм не мора нужно да биде афирмативен, тој може да биде и критички настроен или, пак, може да отвора одредени табу-теми за кои општеството нема храброст јавно да проговори… Доколку одреден филм има големи естетски и комерцијални потенцијали, тоа, исто така, може да биде дефинирано како национален интерес. Но, мене би ми било многу поинтересно на ова прашање да одговори домашната публика, таа самата да каже во кои карактеристики на овој филм таа препознава нешто што би можело да се одреди како нејзин национален интерес. На крајот на краиштата, овој филм делумно е финансиран и со парите на даночните обврзници, така што би било убаво да го слушнеме и нивното мислење за тоа какви филмови им се допаѓаат и какви филмови би сакале да гледаат во иднина.
„Се сеќавате ли кога во средината на 80-тите години се појавија првите кафулиња во Скопје, па загрижените мајки нè опоменуваа: „Синко, пази кога искачаш по това кафиќите, се зборуе по комшии дека тураат дрога во кока-колата“? Јас оттогаш сум бил во стотици скопски кафулиња, но не сум налетал на тоа место во кое ставаат дрога. Арно ама, македонскиот Брејвик, Никола Гелевски, се чини го има најдено. На таквите случаи не им помага дискусија, туку итна хоспитализација!“
Колумнистот Никола Гелевски по едно Ваше интервју напиша: „Дарко Митревски е демагог-тезгарош. Или, скратено: подлец. Не само што Митревски го амнестира и безобразно му се упикува на груевистичкиот режим за грст сребреници (вистина, чаршијата вели дека грстот е бабачки), туку ги множи со нула сите тие што вака или така му се спротивставиле на монструозниот проект СК014“. Филм, архитектура, политика, математика или што е темата на ваквите обвинувања? И како се брани од вакви напади еден уметник како Вас?
Митревски: Темата на ваквите обвинувања е психопатологија. Се сеќавате ли кога во средината на 80-тите години се појавија првите кафулиња во Скопје, па загрижените мајки нè опоменуваа: „Синко, пази кога искачаш по това кафиќите, се зборуе по комшии дека тураат дрога во кока-колата“? Јас оттогаш сум бил во стотици скопски кафулиња, но не сум налетал на тоа место во кое ставаат дрога. Арно ама, македонскиот Брејвик, Никола Гелевски, се чини го има најдено. На таквите случаи не им помага дискусија, туку итна хоспитализација!
Иако „Трето полувреме“ сè уште не го почнал својот животен пат, сепак, меѓу филмските работници веќе се зборува за нов проект на кој работите. Претпоставуваме дека не можете да откриете за што се работи, но барем да дознаеме дали се работи за македонска или за светска тема?
Митревски: И едното и другото: и светско и македонско. Пишувам сценарио за грабнувањето на госпоѓицата Елен Стоун од страна на четата на Јане Сандански. Во Македонија овој настан е запомнет како мала романтична афера, но во Америка го паметат како прва заложничка криза во нивната модерна историја. Таа криза била толку неповолна за рејтингот на владејачките демократи што претседателот Теодор Рузвелт сакал да праќа бродови во Македонија за да ја спаси оваа протестантска мисионерка – но, не знаел против кого точно треба да ги насочи бродските топови! Овој податок (кој го најдов во американските написи од тоа време) сведочи за две работи: прво, дека Македонија на почетокот на 20 век имала излез на море, второ, дека Американците ниту тогаш, ниту денес немале баш најјасна претстава за македонцките работи.
Разговараше: Билјана Зафирова

Насловната страна од второто издание на неделникот „Република“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


