
Американскиот претседател Барак Обама вчера го одби предлогот на републиканскиот спикер на Претставничкиот дом Џон Бојнер кој предложи шестнеделно продолжување на рокот во кој САД ќе можат да позајмуваат пари и да го зголемуваат долгот, но не отстапи од барањето да се одложи здравствената реформа Обамакер.
Претседателот смета дека неговата Демократска партија победува во политичката борба околу буџетот и долгот, и дека републиканците трпат поголема штета, и дека на крајот ќе се откажат од своите барања.
Позицијата на републиканците почна да се поткопува неделава откако група републикански членови на Сенатот, каде демократите се во мнозинство, рекоа дека се отворени за договор кој нема да содржи одложување на реформата Обамакер.
Првпат демократската страна возвраќа со свои барања за да се запре кризата, а тоа е да се зголемат расходите за следната година и да се намали ефектот на серијата кратења познати како секвестер, кои стапија на сила откако двете партии не успеаа да постигнат договор при преговорите на почетокот на годинава.
Во меѓувреме, некои од затворените владини институции кои беа опфатени од буџетската блокада која почна на 1 октомври, повторно се отвораат. Американските сојузни држави, со свои пари, настапуваат таму каде што сојузната Влада соопшти дека мора да ги повлече финансиите. Некои од најголемите американски симболи, како Големиот Кањон во Аризона и Статуата на Слободата во Њујорк од денеска повторно се отворени за посетителите. Во Вашингтон, пак, продолжуваат секојдневните собири пред затворените споменици на воените ветерани и на поранешните претседатели во ценатарот на градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


