| четврток, 6 декември 2018 |

30 велосипедисти возеа во чест на 11 Октомври во Куманово, најмногу награди за клубот „Вело-М“

Триесет велосипедисти од 8 клубови од Македонија денеска учествуваа на традиционалната велосипедска трка што се организира по повод празникот 11 Октомври низ улиците на Куманово.

-Должина што ја возеа сениорите беше 60 км, односно 16 кругови, за јуниори 12 кругови, за останатите 8 кругови. Ние како организатори  сме многу задоволни. Имаме победи, не ни е првпат, трката е традиционална – изјави Марјан Петровски, спортски директор во “Вело – М“.

M4034S-4211

Никола Ѓукиќ, член на кумановскиот клуб “Вело – М“ победи во категоријата јуниори.

-Убедливо победив со разлика од една минута од другите натпреварувачи. Многу сум задоволен од трката, ова е добар резултат за мене. На врв на ранг листата сум, ми останува уште една трка до крајот на сезоната – вели Ѓукиќ.

Од кадетите најдобар беше Кристијан Николов , велосипедист од клубот “МВК“ Велес.

-Континуирано се подготвувам за трки цела година, не запирам. На оваа трка за трофеј 11 Октомври учествувам трети пат. Чест ми е што го добив трофејот. Секоја награда за мене е важна – рече Николов.

Награда доби и најстариот учесник на трката, Изим Барјами (57), член на “Вело – М“.

Трката е под покровителство на локалната самоуправа. Од секторот за спорт и култура велат дека кумановските велосипедисти со својот успех го промовираат Куманово во и надвор од границите на Македонија.

-Куманово беше иницијатор и организатор на меѓународна велосипедска трка низ Македонија. Ја организираше 7 години по ред, влезе во светскиот календар за бодување во меѓународна федерација за велосипедизам. За жал кога го постигна врвот да влезе трката се прекина – рече Жика Крстевски, раководител на сектор за спорт и култура во Општина Куманово.

Победници на трката во женска категорија се: Анета Антовска од клуб “Енерџи“ од Скопје, втора е Росица Костовска од “Мадалбал“ од Скопје. Во категорија мастерс победија: Александар Гарача од “Мадалбал“, втор е Игор Костов од клубот “Водно“ и трет е Борче Јордановски од “Водно“. Од кадетите победија: Кристијан Николов од “МВК“, втор е Новица Велјановски од “Екодром“ од Охрид, трет е Денис Колевски од “Вело – М“. Од јуниори прв е Никола Ѓукиќ од “Вело – М“, Јован Јовановски од “Екодром“ е втор и Димитар Велков од “Енерџи“ е трет. Во категорија сениори прв е Ивица Давидовски, Стефан Петровски втор и трет Зоран Ристовски, сите членови на  “Вело – М“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top