Познатиот македонски музичар Ацо Богдановски-Конга во интервју за „Вест“ вели дека не е обесхрабрен поради тоа што му ја ампутирале раката и дека до крај ќе се бори со ракот.
– Ја почнав терапијата и се надевам дека ќе ми помогне. Ќе се борам со сите сили да заздравам. Сега тоа ми е најважно, да застанам на нозе, зашто во моментов сум врзан за постела. Да се исправам, да седнам на „Фејсбук“ и на сите знајни и незнајни луѓе да им напишам една голема благодарница што се со мене во овие тешки моменти – вели Ацо.
Пејачот откако дознал за скапата терапија, почнал да продава работи од дома, а меѓу предметите за продавање се нашле и неговите конги, со кои заработуваше низ годините.
– За мене значеа живот. Но, кога ќе дојде ситуација и да се откажеш од најдрагото, многу е тешко. Кога дојдоа на ред за продавање, јас го доживеав најголемиот очај и покрај тоа што сум свесен дека веќе нема да можам да свирам. Музичарите многу добро ќе ме разберат како сум се чувствувал. Но, сопругата и децата не дозволија да ги продадам – вели Конга, додавајќи дека е борец и оти до крај ќе се бори за себе и за семејството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.