Неколку илјади лица протестираа во повеќе американски градови барајќи измена на имиграциониот закон, со што би се решил правниот статус за над 11 милиони илегални имигранти кои моментно престојуваат во САД. Најголемиот собир се одржа во Њујорк, каде околу три илјади демонстранти, воглавно припадници на Хиспано заедницата, Азијати и Арапи, се прошетаа преку мостот во Бруклин.
На собирот присуствуваше и демократскиот кандидат за градоначалник Бил де Бласио, кој рече дека тоа е град на имигранти и дека сите Њујорчани треба да бидат поносни на тоа.
Се проценува дека само во Њујорк живеат околу половина милион илегални имигранти кои работат на црно. Најголем дел доаѓаат од Мексико и државите на Централна и Јужна Америка.
Сличен протест се одржа во Лос Анџелес, каде демонстрантите се прошетаа до Холивуд. Како што пренесуваат агенциите, собири биле одржани во 160 американски градови.
Американскиот претседател Барак Обама се залага за реформа на имиграциониот закон, но договор се уште не е постигнат поради противењето на републиканците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


