Македонската православна црква-Охридска Архиепископија нема да присуствува на централната прослава на 1.700 години од Миланскиот едикт што денеска се одржува во Ниш. СПЦ не испратила покана до Синодот на МПЦ, па митрополитот Тимотеј додава:
-Како Црква не сме поканети ни официјално, ни неофицијално. Знаете како велат, неканет гостин седи зад вратата. Нормално е дека во таква ситуација нема да одиме во Ниш- вели владиката.
Денеска е прославата на чинот кога пред 17 векови цар Константин го потпишал Миланскиот едикт, со кој христијанската вера и црква добија слобода на делување и проповедање. Досега делегации од МПЦ беа канети и присуствуваа на значајни настани, иако не на официјално ниво.
Во Ниш денеска е Цариградскиот и вселенски патријарх Вартоломеј, кој ќе отслужи литургија во новиот храм “Св Константин и Елена“, на која ќе присуствуваат и членови на српскиот и црногорскиот државен врв, како и други државни и верски делегации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


