Во чешкиот главен град Прага, од неодамна функционираат интерактивни работилници на македонски јазик, за деца од 2 до 12 години, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Иницијативата и реализацијата на креативните работилници, чија главна цел е учење и негување на македонскиот јазик кај најмладите членови на заедницата е поддржана од македонската Амбасада во Прага.
– Потребата за неформална интеракција и социјализација на најмладите членови на македонската заедница овде, ме наведе да размислувам за концепирање на некаква форма на работилници, каде преку забава и различни облици на креаативно творештво децата пред се ќе се едуцираат, изјави Десанка Тимковска, еден од координаторите на иницијативата.
Тимковска, која е социолог по професија, вели дека идејата потекнува од потребата да се поттикнува идентификувањето на децата со македонската култура и македонското културно наследство.
Според концепцијата, засега два дена во неделата функционираат три работилници, кои опфаќаат деца од две до три годишна возраст, од четири до седум години и деца од 7-12 годишна возраст.
Во најмалата група, децата го изучуваат македонскиот јазик преку креативни игри, песни и приказни со драматизација.
Оние до 7 години, мајчиниот јазик го вежбаат и усовршуваат преку различни креативни техники. Децата изработуваат и моделираат предмети, цртаат, при што активно дискутираат, збогатувајќи го фондот на зборови на македонски.
Активностите на најголемата група, која опфаќа деца до 12 годишна возраст, се состојат во читање и пишување на македонски јазик, но на еден поинаков начин преку т.н ,,весела азбука”, преку забава и интеракција, која ја води Марина Димковска, педагог за училишна возраст од прво до петто одделение.
– Генерално, задоволни сме од досегашниот интерес на родителите и очекуваме поголем одзив и активна партиципација, вели Тимковска.
Таа потенцира дека и атрактивната локација, која се наоѓа во самиот центар на градот е избрана со цел да биде достапна за што поголем број Македонци, кои на овој начин имаат поголема можност за запознавање и дружење меѓу себе, додека децата исто така се запознаваат меѓу себе и го изучуваат мајчиниот јазик.
Тимковска, со многу ентузијазам најавува и втора фаза на оваа идеја, која покрај работилниците за неформална едукација ќе понуди и Дневен центар за деца од предучилишна возраст, кој ќе послужи како основа за организирање и соединување на македонската заедница во Чешка.
– Република Македонија придава особена важност на промоција на националниот, културниот и духовниот идентитет надвор од границите на државата, па следствено, Министерството за надворешни работи им овозможува и на Македонците кои живеат во странство да помогнат во реализирање на оваа цел на македонската надворешна политика, вели за новата иницијатива во Чешка, македонскиот амбасадор во оваа земја, Паскал Стојчески.
Стојчески, смета дека функционирањето на работилници од ваков вид, е квалитетна идеја која ќе обезбеди афирмација на македонскиот јазик во македонско-чешката заедница и токму затоа ја има и поддршката од Амбасадата на Република Македонија.
-Треба да појаснам дека Министерството за надворешни работи, според утврдени критериуми и правила во согласност со усвоениот внатрешен правилник од 2012 година, дава поддршка на идеи и иницијативи на македонските национални малцинства во соседните држави на Република Македонија, односно македонските заедници во дијаспората.
Се имаат предвид конкретни проекти, кои се однесуваат на зајакнување на ефективната врска помеѓу Македонците кои не живеат во Република Македонија, како и начините за нивна инклузија во македонското општество, за зачувување и промоција на македонскиот јазик, традиција и култура, како и отворање на културни центри, изјави Стојчески.
Тој додаде дека Амбасадата се обидува да даде поддршка и преку информирање на македонската заедница во Прага за започнување на работата на првиот дел од Македонскиот креативен центар, кој има солиден одзив меѓу македонската заедница.
– Воедно, убеден сум дека со успешната имплементација на овој проект, неговите активности во иднина може да се прошират и во други области, како што е културата, што може понатаму да придонесе кон промоција на Македонија во Чешката Република, вели македонскиот амбасадор
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.