Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, со технолошко-индустриските развојни зони се очекува зголемување на вработувањата, нови инвестиции и поголем извоз, кој сега изнесува 700 милиони евра и претставува 20 проценти од вкупниот извоз на државата.
– Концептот на Владата за привлекување странски инвестиции дава сѐ повеќе резултати. Само во зоните Скопје 1 и Скопје 2 имаме 1.350 вработени, а во зоната во Штип 750 вработувања. Дополнително очекуваме да има нови вработувања и да се зголемува извозот иако и сегашните 700 милиони евра извоз на компаниите кои работат во ТИРЗ е огромна бројка и веќе претставува над 20 проценти од вкупниот извоз на Република Македонија – потенцира Ставрески.
Денеска се отвори експозитура на Охридска банка во Бунарџик, што, според него, ќе ги направи подостапни банкарските услуги на компаниите од Бунарџик, а истовремено ќе ѝ се даде и поголема атрактивност на зоната.
– Бунарџик претставува модерно опремена зона која им ги нуди сите потребни услуги на инвеститорите. Не сакам да посетувам на лицемерните споредби и злонамерните коментари за тоа дека Бунарџик ќе претставува една зелена ливада. Би било добро тие денеска да се тука и да ги видат глобалните големи фирми како Џонсон контролс, Џонсон Мети, Кемет електроникс, Технокозе и да го видат целокупниот резултат на напорите на Владата и нашата посветеност да се привлечат странски инвестиции и да се создадат услови за нивно работење во зоната – рече Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.