Секој кој ќе „кликне“ на поимот непотизам, независно како овој збор се изговара во светот, ќе наиде на идентично објаснување – претставува фаворизирање во политиката или во бизнисот, независно од заслугите на посочениот субјект, кој најчесто, всушност, е објект на нечии интереси, секако, семејни… Приказната е стара колку и човештвото, други ќе речат – колку и бизнисот. Водачите или лидерите, почнувајќи од племенските старешини па се’ до денешен ден, не сакајќи да ја предадат моќта на некој си „аустајдер“, ги предаваат и пренесуват „уздите“ од колено на колено во рамките на семејното стебло. Најчесто, барем во светот, тоа го прават татковците, обезбедувајќи им иднина на своите неспособни и потпросечни синови, кои неможејќи да се изборат со конкуренцијата и квалитетите на своите врсници, без проблем, противење и отпор, со раширени раце и задоволство ја прифаќаат подадената рака и поддршка на родителот. Неспорно, во тоа роднинско стебло дел од нив можат да имаат одлично образование, квалификации и предиспозиции, но ништо од тоа не е доволна гаранција дека семејството не го вработило својот миленик поради непотизам. Или, барем, така е во светот. Во глобалното семејство, врвни политичари на топ-позиции во текот на историјата и ден-денес ги губат своите тешко стекнати места во политиката и општеството поради овој општествен фенмен, познат не со векови, туку милениуми. Основната разлика, која ја одделува Македонија од познатиот ни свет е принципот на функционирање на непотизмот.
Според истражувањата во тој т.н. свет, особено во високо-развиените земји кон кои се стремиме, како земјите-членки на ЕУ, но и САД и Канада, чии искуства треба да ни бидат репер за развојот на демократијата и општествените промени кои треба да ги минеме за да станеме дел од нив и за да ги достигнеме вредностите кон кои се стремиме, ситуацијата е сосема поинаква.
Во останатиот дел, барем од развиените општества, непотизмот зазема поинакви димензии и, особено, роднински насоки. Во тој дел од светот, сосема е вообичаено, барем според истражувањата и анкетите, родителот – т.е. таткото, преку својата позиција и општествени врски и позиции да му обезбеди подобра егистенција на своето чедо, најчесто синот, поретко ќерката. Така барем функционира светот. Македонија се издвојува на овој план. Барем во случајот на лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Во неговиот случај, колку тој и да негира, тој е оној кој му обезбедува егситенција на сопствениот татко. Така, Заев помага Македонија да влезе во групата на еднемски држави во сферата на непотизмот, држави во кои тој се заснова на помош на синот на таткото, сосема спротивно и обратно од сите останати. Заслугата за вбројувањето на Македонија во светските социолошки феномени е постигната едноставно, а формулата е проста и се вика – тендер.
Многумина овоаа појава ќе ја поврзат со македонскиот менталитет и потребата на синот да се „покаже“ пред сопствениот татко, да прикаже дека успеал и дека е подобар од него,но и јавно и семејно да презентира дека е способен да биде нов лидер на патријархалното конипираното семејство. Повеќето, сепак, ќе се сложат дека ваквата констатација и констелација им припаѓа на некои одамна одминати времиња, не со децении, туку со векови…
Социолошките истражувања во светот, велат дека колку таткото е поимотен, толку е поголем процентот и шансата со помош на непотизмот да помогне во егистенцијата на својот син. Постојат драстични разлики меѓу имотните и семејствата кои немаат капитал. Логично, оној кој има пари и врски има и многу повеќе модуси и средства за да „помогне“ во креирањето на иднината на своето неспособно дете. Кај нас се случи спротивното, „способниот“и имотниот син му помогна на татка си, а не го заборави и чичкото, односно целото семејство. Констатацијата е неминовна и произлегува од фактите – Заев навистина е семеен човек, а неговите роднини имаат над 500 илјади причини да го почитуваат поради тоа…
Непотизмот е атавизам од СФРЈ?!
Како што вели во своите студии доц. д-р Александар Колекески, истражувач во областа на општествените науки при Универзитетот „Евробалкан“, непотизмот во Македонија е „вредност“ која се зема здраво за готово, а во одредени случаи дури е и очекуван дел од редовните релации и во општењето меѓу луѓето.
„Во претходниот државен систем, непишано правило, непотизмот се сметаше за право на привилегија која ја поседува одреден моќник и ја манифестира на локално ниво. Без разлика дали станува за поситна или за крупна услуга, влијателноста на моќникот се проценува според мрежата контакти и според „негови луѓе“ што во реално време оперираат на теренот. Денешното општество, во тој поглед, според ништо не се разликува од претходниот систем, вели Колекески во една од ретките македонски студии посветени на непотизмот во државата. Постои и практика на генерациски трансфер на вработувања, каде што родителите се пензионираат, а на нивно место се вработуваат нивни деца, снаи или зетови, се разбира, ако и само ако се подобни за власта. Има и уште побанални манифестации на таа непотистичка „вредност“: деца на локални политички моќници, без разлика на талентот, добиваат награди на детски фестивали за песна, што навистина е жално“, пишува Колекески.
Сашо Клековски – Не говориме за нијанси, туку за груби кршења на начелата
„Непотизмот е форма на фаворизирање, обезбедување на предност на роднини, а не по заслуга. Во групата на фаворизирање спаѓа и кронизмот, обезбедување на предност на пријатели. Фаворизирање не е вработување или склучување на зделки со роднини или пријатели, туку дали таквите вработувања или зделки се со заслуга или со протекција. Јас фаворизирањето би го проширил во сите сегменти, во образованието – дали успехот е заслужен, во здравството – дали здравствените услуги се обезбедуваат по редовен пат, во судовите – дали пресудите се врз основа на законите, во банките – дали пристапот кон кредити е комерцијално заснован, во сообраќајната полиција – дали се казнуваат сите итн. На кратко што е поважно – заслуга или протекција (фаворизирање), професионалноста или кого познавате. И тука не говориме за нијанси, туку за груби кршења на начелата.
Во Македонија проблемот на фаворизирање е комплициран поради повеќе причини. Прво, Македонија е мала земја. Јас на шега велам половина од земјата ми се роднини, другата половина се пријатели. Но шега на страна со дефиницијата на роднини до четврто колено и по сватовска линија до второ колено, навистина можеби сте роднини со многу луѓе за кои не знаете дека сте. Вториот проблем е оскудноста на ресурсите и нефункционалната пазарна економија што го намалува просторот за заслугите, а го зголемува просторот за протекциите. И третиот поврзан со вториот, кога немате функционални институции, пазарни или државни – семејството или групата е гарант за општествената безбедност. Кога заем обезбедувате од семејството, а не од банка; кога децата ви ги чува мајка ви, а не градинка; кога за секој проблем се обраќате на член на семејството, а не на институција, тогаш неминовно се создава култура на фавиризирање на семејството или пријателите. Еден затворен систем на протекции од кој тешко се излегува.
Кај нас постои отпор во прифаќање на системот на заслуги и во воведување на механизми за сузбивање на фаворизирањето. На пример во образованието. Општо познато е дека успехот од основно образование, не се постигнува во средно образование, и потоа во високо образование. Затоа постоеа жестоки отпори кон механизми за сузбивање на фаворизирањето, како што се матурата претходно и сега надворешното тестирање.Во таква состојба мора да ја јакнеме свеста за проблемот и како да се сузбие. Зголемување на транспарентноста, воведување на механизми за сузбивање на фаворизирањето и развој на пазарната економија и на институциите може да помогнат во сузбивањето на фаворизирањето“.
Во 2012-та година само еден случај на непотизам во Македонија?
Во Македонија, орган на државната управа што одлучува во врска со непотизмот е Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која работи според Законот за спречување судир на интереси и Законот за спречување корупција. Но приказната не е така едноставна. Бидејќи во држата имаме отсуство на каква било законска дефиниција на непотизмот, Комисијата утврдува одговорност и поднесува иницијатива до Јавното обвинителство по поднесена претставка ако има сомневање дека поединец е сторител на кривичното дело злоупотреба на службената положба.
Во минатата, 2012 година, Антикорупциската комисија поднела само една иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за разрешување врз основа на сомнение за непотизам. Тогаш, се работеше за директор во средно училиште во Битола, кој според претставката, ги подредил службените должности, при што не само што не презел мерки за спречување на судирот на интереси, туку во својство на одговорно лице потпишал договор за вработување на сопругата во споменатото училиште, т.е. потпишал акт од позиција на фактички судир на интереси, што претставува незаконско дејствие.
До ДКСК, единствениот надлежен орган за овој специфичен и честокористен општествен феномен, не била поднесена ниту една друга претставка, небаре битолскиот директор е единствениот практикант на непотизам во државата…
Не се омрсиле само тате и чичo, обвинувања и за братот на Заев
Само што ги отфрли обвинувањата дека им дал тендери на татко му и на чичко му, лидерот на СДСМ беше ставен пред нов предизвик. Да објасни дека и фирмата на неговиот брат не добила тендер од Општина Струмица. Социјалдемократскиот сојуз се обиде да докаже дека фирмата што зела повеќе од 6.000 евра за тампонирање пристап до градската капела не била сопственост на Вице Заев сѐ до оваа година и затоа немало непотизам. Сепак, чувството дека премногу луѓе што биле премногу блиски на Зоран Заев се дел, во најмала рака, од нејасни финансиски релации, е многу силно. Ниту Зоран ниту СДСМ не објаснија зошто, кога веќе и врапаците знаат дека оваа трансакција може да стане сериозна дневнополитичка тема, Вице морал да ја купи спорната фирма што работела со Општина Струмица. Освен ако во оваа општина нема други фирми на продажба.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 55. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.